25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Османи од Одзиси: Недопустливо е ограничувањето на слободата на движење во 21-от век

Ограничено движење, одземено земјоделско земјиште, претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи при посетата на Одзиси, Грузија одблиску ги виде болката и страдањата на луѓето зад „ѕидот на раздвојување“.

Тој сведочеше за многу човечки судбини од личните животни приказни на луѓето кои живеат овде. Границата им одзела имот, обработливи површини од каде што се прехранувале, а на некои од нив и можноста да ги видат своите семејства, роднините и пријателите.

„Луѓето овде немаат можност да ги посетат своите роднини и пријатели, да го користат земјоделското земјиште, тие се лишени од можноста да ги посетуваат верските објекти. Ваквата состојба е неодржлива и спротивна на основните принципи на ОБСЕ и на цивилизациските идеали“, рече Османи.

Претседавачот со ОБСЕ порача дека е недопустливо во 21-от век на луѓето да им се ограничува слободата на движење. Тој истакна дека ОБСЕ ќе вложи напори да им помогне на загрозените од конфликтот што се случи во 2008 година.

„Потребно е луѓето повторно да ја добијат нивната слобода на движење како основно човеково право, а Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе ги вложи сите напори за да им помогне на директно загрозените од конфликтот“, потенцираше Османи.

За време на посетата на Одзиси, Османи беше придружуван од Мониторинг мисијата на ЕУ. Оваа Мисија, заедно со претставници на ОБСЕ, веќе 15 години се на терен и превенираат нови тензии, а го олеснуваат и враќањето на безбеден и нормален живот во овој регион.