26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Претставници во работната група за уставни измени мора да се номинираат до понеделник

В понеделник истекува рокот што Министерството за правда го постави во дописот до институциите и политичките партии да номинириаат претставници во работната група за измени на Уставот. Дописот беше испратен во вторникот до Кабинетот на Претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и парламентарните политички партии кои треба да одговорат најдоцна до 10 април.

Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.

Претседателот Стево Пендаровски завчера потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, кажа дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот од СЕП кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени. Тој ги повика партиите да учествуваат во разговорот за процесот на уставни измени оти прашањето, како што рече, „порано или подоцна ќе дојде во Собранието и политичките партии ќе треба да се изјаснат“.

Во меѓувреме, Софија повтори дека уставните измени се внатрешно прашање на Северна Македонија. Бугарскиот технички премиер Галаб Донев во интервју за БТВ рече дека Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија, дека уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика и оти не е точна интерпретацијата дека Софија сакала да учествуваме во тој процес.

Донев, како што пренесе БТА, потсети дека земјава презела ангажман да ги вклучи Бугарите во Уставот заедно со сите останати наброени народи, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.

Според него, нормално е Република Северна Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.