24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерката Петровска ќе го отвори првиот Одбранбен форум 2023

Денеска, 07 април (петок) во хотелот „Double Tree by Hilton“ во 10.00 часот ќе започне Одбранбениот форум во организација на Министерството за одбрана. Одбранбениот форум 2023 ќе го отвори генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг преку видео конференциска врска, министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Како поддржувачи на форумот, свои поздравни обраќања ќе имаат директорот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ од СР Германија, Даниел Браун и претседателката на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска заедно со универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, претседател на Комитетот МКД НАТО 2030 кој ќе биде воведничар и модератор.

На Одбранбениот форум ќе има над 200 присутни, а со свое обраќање учество ќе земат претставници од Северна Македонија, СР Германија, Белгија, Словачка, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји.

Ова е еден од поголемите одбранбени форуми кој ќе се одржи во земјата и се планира тој да стане традиционален.

Целта на форумот е споделување искуства и добри практики во однос на темите на петте панел дискусии на тема: Геополитичките случувања врз новата безбедносна архитектура и регионалната безбедност, Превенција и одговор на кризи-идни предизвици на НАТО земјите членки, Местото и улогата на Армијата- иден развој и приоритети, улогата на цивилното општество во градењето на отпорност, Приватното обезбедување и одбранбено-безбедносниот систем- идни можности и соработка.