24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска за Тв Шења: Армијата се модернизира со над 30% од буџетот, но и со поддршка од сојузниците

Во вечерашното гостување на ТВ Шења, запрашана за тоа дали нашите донации за Украина придонесоа за последната неповратна помош од САД, министерката Славјанка Петровска одговори дека тоа е препознаено и дека истото претставува уште еден доказ дека во НАТО, сите се грижат едни за други.

„Тоа е уште еден показател на сите оние скептици дека во НАТО кога сте дел, само големите држави се битни, ова е доказ дека во НАТО се грижиме сите едни за други. Тоа е препознаено. Нашата добра волја и политичката одлука, меѓутоа и реалната поддршка преку воена помош и опрема, беше ценета и е ценета особено од САД. За една година само, за 2022 година, се одобрени точно 137 милиони американски долари, неповратна финансиска помош, којашто во моментот се прави финалниот план за како ќе биде распоредена, но е извесно дека ќе се користи токму за проектите за модернизација кои се веќе започнати или многу скоро ќе бидат започнати“, истакна Петровска.

Правејќи споредба за големината на ваквата неповратна финансиска помош, Петровска истакна дека таа е всушност половина од буџетот на одбраната минатата година.

„Половина од буџетот изнесува вкупната сума на донацијата на САД. Се разбира, тука имаме поддршка и од другите членки на Алијансата. Обединетото Кралство кое исто така е еден од донаторите со кои во заеднички проекти ги зајакнуваме капацитетите на Криволак, каде што многу скоро со амбасадорот ќе направиме и нова промоција на еден од капацитетите. Германија најавува можност за донација, Норвешка и така натаму. Сакам да кажам дека она што Република Северна Македонија го прави и го придонесува во НАТО – се препознава од стратешките партнери на билатерално ниво“.