27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи на НАТО министерскиот состанок – Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ значаен влог во регионалната и европската безбедност

Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на дводневниот НАТО Министерски состанок, што се одржа на 4-ти и 5-ти април, во Брисел.

Состанокот се одржа во светло на присоединувањето на Финска во Алијансата, со што беше демонстрирано силно единство на сите сојузници и цврста поддршка на политиката на отворени врати на НАТО.

“Ова е историски момент за цела Алијанса, што не прави уште посилни и побезбедни, како и значаен чекор за трансатлантското единство. Членството на Финска претставува добра порака за сите земји аспиранти кои ги делат истите вредности. Очекуваме и Шведска да ни се придружи во трансатлантското семејство пред НАТО Самитот во Вилнус” рече Османи.

Воедно, Османи ја нагласи потребата од зајакнат ангажман на НАТО и ЕУ во земјите од Западен Балкан, истакнувајќи дека политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ претставуваат значајни политики за зачувување на целокупната регионална и европска стабилност.

Во разговорите, министрите за надворешни работи се осврнаа на политичките и безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата, како и на подготовките за претстојниот Самит на НАТО во Вилнус.

И во оваа прилика беше истакната силната обединетост на сите земји сојузници во осудата за руската воена агресија, како и одлучноста за зајакнување на политичката и практичната поддршка за Украина. Конкретно беа разгледани можностите за зголемување на финансиската поддршка за Украина преку Сеопфатниот Пакет за Поддршка, како и потребите на Украина за пост-конфликтно оправување и реконструкција.