21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Mитева: Ги повикуваме СДС и ДУИ како Европејци да ги прифатат измените на Уставот по примерот на земја членка на ЕУ

Тезите дека уставните измени би можело да се направат по примерот во Хрватска, ВМРО-ДПМНЕ ги гледа како добро решение.
Со овој модел Македонија ќе биде држава на еден народ и на малцинствата во неа, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

„И Димитар Ковачевски, но и Бујар Османи, во неколку изјави за медиумите говореше како хрватскиот Устав е прифатлив модел, а денес молчат. Затоа, ги повикуваме СДС и ДУИ како самопрогласени Европејци, како политички субјекти што се залагаат за европски фронт, да ги прифатат измените на уставот по примерот на земја членка на ЕУ. Со овој модел Македонија ќе биде држава на еден народ и на малцинствата во неа.

Имено, во уставот на Република Хрватска јасно пишува НАЦИОНАЛНИ МАЛЦИНСТВА, а во Уставот на Република Македонија ДЕЛОВИ ОД НАРОД. Разликата е голема – македонскиот народ е изедначен со другите народи што живеат во Македонија за разлика од националните малцинства во Хрватска. Во Хрватска јасно пишува дека е национална држава за разлика од Македонија, која е воспоставена како граѓанска држава“, потенцира Митева.

Ова, како што додава, би биле суштински промени што Македонија би ги направила со промената на Уставот, каде што националниот карактер на државата би го надминал мултиетничкиот.

ВМРО-ДПМНЕ, додава Митева, бара во насока на широкото толкување на уставот и детаљниот карактер доколку се прифати моделот Македонија од мултиетничка да стане национална држава, тогаш да се впишат сите малцинства регистрирани во согласност со последниот попис.

„СДС и ДУИ не би требало да имаат против устав на земја членка на ЕУ и патем против устав на земја членка на ЕУ што го користеа како најсоодветен пример, кој Македонија треба да го примени“, појаснува Митева.