23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото илустрација
.БИЗНИС

Најавено е најголемо намалување на цените на храната и енергенсите, во април поевтинуваат овошјето и зеленчукот

Маркетите ќе започнат со промена на цените на дел од овошјето и зеленчукот. Мерката следува по замрзнувањето на дел од основните прехранбени производи. По лебот, кој само пред неколку месеци се купуваше дури и за десет денари поскапо, потоа на ред за поевтинување дојдоа тестенините, млечните производи, а последно беше замрзната и цената на јајцата.

Владата донесе одлука дека до крајот на април единаесет производи не смеат да се продаваат поскапо од утврдената цена. Па така, од петти април доматите ќе се продаваат за максимална цена од 70 денари, краставици за 75 денари, кромидот за 60 денари, карфиолот за 70 денари, пиперките за 90 денари, гравот за 75 денари, леќата за 110 денари, бананите за 70 денари, портоколите за 55 денари, мандарините за 60 денари и лимоните за 55 денари. Овие цени ќе важат и за маркетите и за пазарите.

Во април ќе имаме едно од најголемото намалување на цените, особено на храната и енергенсите

Одлуката ја соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, според кого во април ќе имаме едно од најголемото намалување на цените, особено на храната и енергенсите.

– Цените на прехранбените производи и на енергенсите се намалуваат, споредбено со претходните месеци и со минатата година. Во соработка со Министерството за земјоделие и Царинската управа направивме анализи и за овие производи е утврдено дека имало големи маржи, дури и од 200%, кажа Бектеши.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи претходно кажа дека мерките се во интерес на граѓаните и со нив не се нанесува штета на производителите.

– Ние рековме дека ќе влеземе со замрзнување на цените и почнавме да идентификуваме кои производи се најбарани. Се водевме од побарувачката на производите кои најмногу се трошат и правевме анализи како да дојдеме до цена која е прифатлива за сите. Нема замрзната цена, а стопанствениците да се оштетени. Оштетени се само од еден аспект, а тоа е очекуваната добивка, која тие си ја зацртале. Но и во замрзнатите цени има профит, има гарантирана маржа на добивка во таа цена. За граѓаните да објаснам. Ако ние им кажеме дека цената на лебот е 33 денари, на таа цена тие имаат три денари маржа на добивка. Во секој еден продаден леб, таа е маржата на добивка која ја даваме за производителите или трговците. Не е дека го продаваат под цената на чиниње и им нанесуваме штета, кажа Битиќи.

Се интервенира кога има нарушени цени на пазарот

Средствата за ваквите мерки се обезбедија откако беше решено да се укине мерката за субвенционирана струја на компаниите од прехранбената индустрија.

– Се водевме од правилото дека треба да помогнеме и да не преземаме популистички мерки. Затоа влеговме минатата година со субвенционирана струја за стопанствениците во прехранбениот сектор со договор дека ќе се намалат цените, затоа што им ја намалуваме основната суровина. Тогаш се одговоривме дека сме спремни и за други интервенции. Прашуваат зошто не ги вклучиме стоковите резерви… Имавме такви разговори и размислувања, но многу интересно е што цените на суровините што ги користат стопанствениците за производство на основните прехранбени производи паднаа на берзата. Не интеревенираш со стокови резерви кога паѓаат цените или се стабилизираат цените. Се интервенира кога има нарушени цени на пазарот, тогаш се интеревенира, бидејќи се препорачува дека може да се понудат поевтини, кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостувањето во МРТ.

Бранот поевтинувања на основните прехранбени производи започна со замрзнувањето на цената на лебот. Кон крајот на ноември белиот и полубелиот леб се продаваа од 38 до 45 денари, а сега максималната цена за утврдена количина од 450 грама е 33 денари. Тестенините поевтинија за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти. За шпагетите и макароните се укинаа и увозните царински давачки од 13 март до 31 мај 2023 година. Од друга страна за млечните производи одлуката е во сила до 31 мај годинава и се однесува на трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.

Во меѓувреме, Владата утврди и највисоки цени на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените за деца и возрасни, како и хигиенските влошки кои се применувале на 20 март во трговијата на мало, кои цени се намалуваат за 13%.

Р. Р.

извор: Рацин.мк