21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Не е прашањето дали имаме сили за уставните измени, туку дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за ЕУ

„По прв пат блокадата е во наши раце. Ние се боревме да дојдеме во таа ситуација. Продолжувањето на патот да не зависи ниту од Софија ниту од Атина, ниту од Париз, ниту од Берлин, ниту од никого, туку од нашата одлука. Сметам дека вистинското прашање не е дали можеме да смогнеме сили да ги направиме неопходните уставни измени што ги има во нашата преговарачка рамка. Туку, вистинското прашање е дали сакаме да го фатиме најбрзиот воз за членство во Европската Унија“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за „ИМА“.

Тој додаде дека доколку го сакаме тоа, тогаш имаме време до ноември, до крајот на скрининг процесот, да ги завршиме нашите обврски и догоколку го направиме тоа со одговорност, зрелост и свесност на сите политички актери во декември или јануари идната година да го отвориме првиот кластер.

„Предноста на новата методологија е што во моментот кога ќе се отвори кластерот, се отвораат сите поглавја од тој кластер, и тоа ни дава можност да се тркаме во сите поглавја, да покажеме подобри резултати, па дури и да ги стигнеме државите кои што веќе десет години преговараат за членство како Србија и Црна Гора“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека времето покажало дека што повеќе ги одлагаме обврските тие стануваат потешки и проблемите стануваат поголеми и дека како држава ни одговара што поскоро ова да го завршиме затоа што тоа ќе ни ја отвори вратата за почеток на преговорите, без разлика на другите држави бидејќи во заклучоците стои дека автоматски се свикува втората меѓувладина конференција и веќе влегуваме во сосема друго ниво на односи со Европската Унија.