Интегрално обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за потпишување на Протоколот за соработка меѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи:
Ваша Екселенцијо, амбасадоре Вал, Шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје,
Почитуван г-н Јовески, Јавен обвинител на Република Северна Македонија,
Почитувано раководство на МВР, помошници директори, началници, истражители,
Почитувани членови на Здружението на јавни обвинители,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
На мое големо задоволство денеска сме тука, на овој свечен чин на потпишување на Протоколот за соработка меѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи, како резултат на шестмесечната активна работа на терен на работната група која ја формиравме за таа цел, како одговор на одличната иницијатива на Здружението на јавните обвинители, која ја реализиравме благодарение на поддршката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Неопходноста од креирање на овој Протокол произлезе не само од востановената добра практика на останатите европски и земји од регионот, а во насока на имплементирање на ервопските стандарди во работењето на институциите задолжени за спроведување на законот. Ниту само како одговор на потребата да се замени 10 години старата рамка за соработка на МВР и Обвинителството, која немаше веќе употребна вредност, поради непрактичноста и неприменливоста во пракса.
Поаѓајќи од фактот дека квалитетот на спроведување на еден закон или група закони од една област, како во случајов законите кои го регулираат кривично-правниот сегмент, не зависи само од квалитетот на напишаните одредби, нивната усогласеност или прецизност, туку и од нивната практична примена во секојдневното функционирање на надлежните институции, потребите од терен, од оние кои се упатени да соработуваат при имплементацијата на овие закони, ја наметна потребата од создавање на сосема нов Протокол, кој има за цел да придонесе, во поширока смисла, за зајакнување на ефикасноста на кривичноправниот систем.
Велам сосема нов документ, бидејќи покрај консултирањето на најдобрите меѓународни практики, овој Протокол практично претставува дело на полициските службеници од криминалистичката полиција кои работат на терен, кои секојдневно соработуваат со јавните обвинители и точно ги дијагностицирале сегментите кои имаат потреба од допрецизирање при процесот на меѓусебна соработка. Тука најмногу мислам на Законот за кривична постапка, како темел во кривично-правната сфера и потребата од прецизно регулирање на мерките и активностите при полициската и обвинителската истрага, како еден синхронизиран систем.
Од аспект на Министерството за внатрешни работи, во него се земени предвид клучните поенти од бројните дискусии и сугестиите од полициските службеници во текот на работилниците реализирани токму на оваа тема. Во крајна линија, токму искуствата од практиката се тие кои ја даваат оценката за ефикасноста на законите, отворајќи простор за сите детектирани, а реално потребни прецизирања, дообјаснувања или регулирања, за што поцелисходна примена на одредбите.
Верувам сите ќе се согласиме дека спроведувањето на законите од значење за борбата против криминалот не може да зависи од околности или услови со кои би можел да се наруши текот на преземањето на истражните мерки и дејствија. Нашата заедничка цел е успешно откривање, докажување и спречување на кривичните дела и нивните сторители и ефикасно спроведување на кривичната постапка, притоа водејќи сметка за заштитата на правата на жртвите, осомничените и обвинетите, а во согласност со националното законодавство и потпишаните меѓународни договори. А впрочем, тоа е и целта на Протоколот кој денеска го потпишуваме.
Она што ми влева посебно чувство на сигурност во доследната примена на одредбите од овој Протокол, но и негова евентуална понатамошна надградба, е заедничката Комисија задолжена токму за спроведување на Протоколот за соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Јавното обвнителство на Република Северна Македонија, составена од членови на двете институции, која има обврска за задолжителни месечни средби. Овие средби ќе се користат за решавање на тековни предизвици од пракитката, но и за организација на обуки, дебати и понатамошно промовирање и доближување на овој Протокол до сите засегнати страни.
Уверен сум дека на овој начин обезбедуваме современа алатка за поголема ефикасност за органите на прогонот, но истовремено нудиме гаранција за почитувањето на правата и слободите на граѓаните, законитост на постапките, безбедност и сигурност на нашите граѓани и државата, што секако претставува приоритет во работењето на МВР, но и општ интерес за државата и нашите граѓани.
Секако, ќе ја искористам оваа прилика да упатам благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, не само за поддршката при креирањето на овој Протокол, туку и за континуираната соработка сите овие години, која ја карактеризира значителна динамика и бројни проекти неопходни за одржување на високото ниво на квалитет и во реформите на МВР и во секојдневните полициски активности.
Благодарам.