22.8 C
Скопје
29. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Фан страна на фејсбук @zaevzoran
+МАКЕДОНИЈА

Трите години во НАТО ги разбија сите сомневања за безбедноста, општествена кохезија и просперитетот

Зоран БОЈАРОВСКИ

После три години од членството во НАТО, Северна Македонија може да потврди дека исполнувањето на едната од двете врвни стратешки определби за меѓународно позиционирање на државата во заедницата на прогресивните западни демократии – членството во НАТО, ги исполни сите очекувања и ги оправдува сите заложби аргументирано и рационално да се докаже таа определба како оправдана и како исклучително значајна за иднината и за широките перспективи на земјата.

Трите досегашни години на Северна Македонија како членка на НАТО се сосема доволни и исполнети со содржина која ги разби сите претходни сомнежи за оваа наша стратешка определба што ги наметнуваат одредени политички структури, па и одредени граѓански или академски кругови.

Наместо „членството во НАТО чини пари“, вистинското прашање е вредноста на безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата

Согласно критериумите за членство во Алијансата, секоја земја членка, ако досега не го постигнала тоа, до 2024 година да обезбеди дека 2 отство од државниот Буџет ќе издвојува за одбрана и дека 20 отсто од тој буџетот за одбрана ќе се наменат за воена опрема и „истражување и развој“.

Ова прашање – „колку ќе не чини членството во НАТО“, беше едно од неколкуте кое го (зло)употребуваа противниците на вклучувањето на Македонија во северно-атлантската алијанса.

Вистинскиот одговор на оваа дилема беше и останува контра прашањето: Колку чини безбедноста и сигурноста на државата и граѓаните на нашата земја којашто се наоѓа во еден од најнвралгичните региони во светот кој како таков постојано го поткопуваат страни кои имаат посебни геостратешки интереси, односно земји чии вредности се далеку од вредностите на заедницата на демократиите во кои се вклучи Северна Македонија.

Затоа е важно буџетот на одбраната да бележи континуирано зголемување за да се овозможува развој на одбранбените капацитети, модернизација, унапредување на стандардот на припадниците на Армијата и зацврстување на националната и колективната безбедност. Затоа што на другата страна се силите кои за да ги остварат своите амбиции за влијанија и контрола во регионот, во кој една од точките за импакт е и нашата земја.

Затоа е исклучително важно, што послед Преспанскиот договор, за нашата земја се отворија сите можности за членство во НАТО и станавме дел од семејството во кое повеќето држави членки на НАТО се меѓу земјите со најдобри економии и најсилни армии во светот.

Во тоа семејство ние сме рамноправен партнер со 8 членки на НАТО – Канада, Германија, Полска, Турција, Обединетото Кралство, Италија, Франција и САД, кои се дел од групата 20-те најсилни војски во светот кое се прави според активен персонал, буџет, и вид на оружје.

Кога станува збор за армијата, во топ 10 земји со најголем вкупен број на воен персонал (во членови) се наоѓа и една членка на НАТО, а тоа е САД, со кои Северна Македонија воспостави Договот за партнерство во 2008 година, а во 2022 година, кога земјата веќе беше членка на НАТО, партнерството се издигна на највисоко ниво што САД го воспоставува во своите меѓунатодни односи – во Договор за стратешки дијалог.

Според посед на оружје на војските, земјите членки на НАТО, исто така, се бројни во првите 20 земји. Па така, најмногу оружје во светот поседува САД. Турција којашто исто така е земја членка на НАТО, е на деветтото место, на 13- то е Франција, на 16-то Грција, на 19-то Италија, сите земји членки на НАТО со кои Северна Македонија има исклучително добри односи на секој план.

Авиони на земја членка на НАТО во патрола на небото над Северна Македонија
Сојузот со дел од најмоќните демократски земји во светот и членството во НАТО и ги зајакна геостратегиските позиции на Северна Македонија и со таа привилегија ја стекнавме и довербата и правото да одлучуваме за важни глобални и геостратегиските прашања за кои инаку немаме можност да влијаеме ако не сме членка. Со зачленување во НАТО и ЕУ, по принципот на „еднаков меѓу еднаквите“ и принципот на солидарност, имаме можност за влијание и еднакво право во носење на одлуките во овие организации.

Кога станува збор за безбедносните аспекти на придобивките од нашето членство во НАТО, добро од оваа перспектива да се осврнеме и на приговорите дали ни е потребно членство или не со аргумените дека за Северна Македонија нема закани од надвор, односно дека ниту еден од нашите соседи нема да ја „нападне“ нашата држава и дека „најголемата и реално единствената опасност за загрозување на физичката безбедност во Македонија е опасноста од меѓуетнички судир помеѓу Македонците и Албанците“.

Освен што овие злокобни предвидувања најчество доаѓаа(т) од „патриотските“ или националистички центри на влијание, на кои доволно им е само да ја „всадат“ оваа „мисла“ во главите на луѓето, тие се секако без аргументи.

Овие „злокоби“ се ставени ад-акта со Охридскиот рамковен договор кој ја испрати пораката за меѓусебно разбирање меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други етнички заедници. Од Охридскиот рамковен договор наваму во Македонија преовладувва дух на политики што ги сплотува граѓаните околу најважните прашања за заедничката иднина.

Едно од тие прашања е и консензусот околу нашето членство во НАТО кое, во мултиетничко општество какво што е нашето, претставува обединувачки и кохезивен фактор, а тоа го потврдуваат и анкетите на јавното мислење. Според последното истражување на ИРИ од октомври 2022 година, 72 процент од граѓаните го поддржуваат нашето членство во НАТО.

Оттаму таа сплотеност и кохезивност околу ова прашање наметнува посебно внимание кога станува збор за тоа како такво да се негува и заштитува, важно е да се има предвид декаво 21 век, и особено со војната во Украина, станува јасно дека воените дејствија не ги опфаќаат само и исклучиво конвенционалните концепти на војна, па макар биле тие водени со најмодерни воено-борбено средства. Новите концепти на воените доктрини сега опфаќаат паралелни дејствија и во сајбер просторот, односно хибридните војни. Додека на воените полиња во Украина је следиме трагичната и крвава војна на теренот, светот не само во Украина, сведочи дека хибридните воени дејствија се спроведуваат во повеќе земји и затоа подготвеноста за да се одговори на тој тип закани станува приоритет заедно со сите други приоритети што ги налагаат воено-борбените концвенционални концепти.

Затоа што една од метите на тие закани секако е мултиетничкиот концепт на Северна Македонија.

Рекордни странски инвестиции како резултат на економската сигурност од НАТО членството

Во оваа анализа за придобивките од членството во НАТО по повод третата годишнина неколку редови и за економските придобивки од учеството на нашата земја како рамноправна членка на Алијансата.

Со членство во НАТО и со зголемувањето безбедноста и стабилноста на земјата се создаде и подобра основа за економски раст и развој кој зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.

Во однос на економијата, во првите 25 земји во светот според номинален БДП, 11 се земји членки на НАТО – САД, Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Канада, Шпанија, Холандија, Турција, Полска и Белгија, од кои шест се во првите 10 најсилни економии. На списокот е и Шведска, којашто се очекува наскоро да ѝ се приклучи на Алијансата, како земја која веќе ги заврши преговорите.

Не треба да се заборави дека за да станеме членка на овој Северно-атлантската алијанса, Северна Македонија мораше претходно да исполни одредени критериуми како во однос на армијата така и во однос на економијата, што зборува дека самите аспирации за придружување во НАТО ја подигнаа економијата и економската стабилност на земјата.

Со членството во НАТО и со исполнувањето на критериумите за почеток на преговорите со ЕУ,се создаде подобра бизнис клима и подобар кредитен рејтинг за Македонија, стабилноста заедно со предвидливоста на политиките влијае(ше) и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на инвестициите.

Членството во НАТО и ги охрабри домашните и странските инвеститори во Естонија, Латвија и Бугарија кога директните странски инвестиции се зголемија трикратно во првите три години по членството во НАТО и ЕУ. Слично е и во Албанија уште во првата година на членството во НАТО кога странските директни инвестиции се дуплираа.

Овие трендови се пресликаа и во Северна Македонија што го потврди и Индексот на странски инвестиции на Инвест Монитор, кој

Северна Македонија има импресивни перформанси во Индексот на перформанси на странски директни инвестиции за 2022 година, констатира Investment Monitor, кој ги мери нивоата на внатрешни инвестиции на земјата во однос на нејзиниот бруто домашен производ (БДП) користејќи ја базата на податоци GlobalData, која ги следи гринфилд проектите.

Северна Македонија, со оценка од 11,5, добила повеќе од 11 пати повеќе од нејзиниот фер удел на влезни гринфилд странски директни инвестиции (СДИ) во споредба со она што може да се очекува со оглед на нејзиното ниво на БДП, односно СДИ завршиле со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра.

Како една од причините за овој успех, Инвестмент Монитор наведува дека Северна Македонија како членка на НАТО од март 2020 година обезбедила стабилност со што ја зголеми привлечноста за странските инвеститори. Полска, Унгарија и Чешка беа сведоци на значителни зголемувања на странските инвестиции по пристапувањето во НАТО, корисна последица која Северна Македонија несомнено ќе се обиде да ја имитира, се наведува во анализата на Инвестмент Монитор.

За завршницата на оваа анализа треба да се напомене дека со членството во НАТО и со отворањето на преговорите со ЕУ, освен финансиската придобивка од странските директни инвевстиции значително се отворија и можностите за пристап од европските структурни фондови и другата финансиска поддршка на меѓународните финансиски институции. Сите овие придобивки за државата, како резултат на историската одлука да бидеме дел од НАТО и ЕУ, како и со конкретниот чин на прием на Северна Македонија во северно-атлантската алијанса, се истовремено и придобвики за сите наши граѓани.

извор Рацин.мк