23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бочварски за коридорите 8 и 10 д: На почетокот на април очекуваме официјален почеток на изградбата

Очекуваме на почетокот на април да се официјализира изградбата на патниот правец од Коридорот 10 д, Прилеп – Битола, како и на другите патни правци, кои се дел од Коридорот 8, истакна денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, одговарајќи на прашањето како ќе биде регулиран сообраќајот на автопатот Прилеп -Битола, каде што, според најавите, за еден месец треба да се почне со градежни активности.

„Патниот правец од Коридорот 10 д, Прилеп – Битола, како и другите патни правци од дел од Коридорот 8, очекуваме на почетокот на април да се официјализира со поставување камен-темелник на Коридорот 8 и на Коридорот 10 д, а во согласност со договорот, во втората половина на април веќе и да почнат градежните работи“, рече Бочварски.

Секоја градежна оператива, како што нагласи, има обврска да изработи сообраќаен проект со кој ќе го регулира движењето на сообраќајот по тој патен правец доколку реконструкцијата се работи на истата траса.

Ветивме пред две години, додаде Бочварски, а еве денеска наголемо се работи.

„Гледам дека патните правци се реализираат, проектите се движат, Плетвар е веќе завршен како проект, а сега очекуваме да почне и изградбата на новиот модерен автопат на делницата Прилеп – Битола“, нагласи Бочварски.