11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
maricic
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Исти стандарди за безбедност и квалитет како европските и за македонските граѓани

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Брисел го отвори билатералниот скрининг-состанок за Поглавјето 28, „Заштита на потрошувачите и јавното здравје“, на кој присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи.

Вицепремиерот и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, во воведното излагање истакна дека Владата е посветена и работи на постојано подобрување на статусот на потрошувачите, просперитетот и растот на животниот стандард, кои всушност се и главни цели на Европската Унија.

„Во согласност со политиката на ЕУ за заштита на потрошувачите имаме уште работа за отстранување на пречките на пазарот за да може услугите и стоките да циркулираат со исти стандарди за безбедност и квалитет како европските“, рече Маричиќ и додаде дека на овој начин се намалува и обемот на употреба на небезбедни производи, што дополнително ги намалува ризиците од повреди од употребата на таквите производи, а со тоа и трошоците и оптоварувањето на здравствениот систем.

Вицепремиерот Битиќи пред претставниците на Европската комисија се осврна на здравјето на граѓанинот за кое рече дека го претставува основниот столб за економскиот развој на едно општество наведувајќи ги следните активности и планови во оваа област.

„Ќе вложиме многу повеќе напори во детаљна контрола на тутунот, ефикасно да ги спроведеме сите релевантни закони на ЕУ и, конечно, да го усвоиме и ратификуваме протоколот за елиминирање недозволена трговија со производи од тутун. Ќе обезбедиме доволно финансиска поддршка за здравствените институции што работат на специјализирано знаење за рано откривање на канцерот и на ретките болести базирајќи се на податоците од регистрите“, рече Битиќи.

Главниот преговарач со ЕУ објасни дека со усогласувањето на националното законодавство со законодавството на Европската Унија во областа на заштитата на потрошувачите постепено се воведува повисоко ниво на безбедност на производите, заштита на економските интереси на потрошувачите во многу одделни сектори, како и подобрување на општиот квалитет на живот.

Маричиќ исто така рече дека со приближување до европските стандарди се подобрува здравствената заштита на нашето население бидејќи правното законодавство на ЕУ опфаќа области од големо значење за здравствената заштита, како што се: медицинските лекови и медицинските помагала, правата на пациентите на прекугранично осигурување, козметиката, исхраната, контролата на тутунот, превенцијата од болестите што предизвикуваат зависност, трансплантацијата на органи, како и ретките болести.

На денешниот билатерален скрининг-состанок во областа на заштитата на потрошувачите и јавното здравје, членовите на македонскиот преговарачки, кои презентираа пред Европската комисија, се претставници од Министерство за економија, Државниот инспекторат за храна, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и експерти од разни здравствени установи.

Скрининг-состаноците за Поглавјето 28 ќе продолжи и утре, а до крајот на неделата ќе се одржи билатералниот состанок за Поглавјето 2, „Слобода на движење на работниците“.