20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Битиќи од Брисел: Ги унапредуваме потрошувачките права и јавното здравје на граѓаните

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес во Брисел учествуваше на билатералниот состанок од Кластерот 2, „Внатрешен пазар“, поточно на состанокот од Поглавјето 28, „Заштитата на потрошувачите и јавното здравје“.

Во својот говор пред претставниците на Европската Унија (ЕУ) вицепремиерот Битиќи нагласи дека здравствената заштита и заштитата на потрошувачите претставуваат мултислојна област со огромна важност за секојдневниот живот на граѓаните и дека светскиот пазар би бил нефункционален ако потрошувачите не се соодветно заштитени од националните и меѓународните институции.

„Кога сум пред компјутер или кога го земам телефонот за да нарачам нешто од онлајн од продавниците, секогаш имам на ум дека има регулациски тела за сите регистрирани онлајн-продавачи и дека моите права на потрошувач се и ќе бидат заштитени ако се случи некој проблем или измама за време на мојата нарачка“, истакна Битиќи.

Вицепремиерот пред претставниците на Европската комисија се осврна и на здравјето на граѓанинот за кое рече дека го претставува основниот столб за економскиот развој на едно општество и токму ова стои во Поглавјето 28 за кое се дискутира деновиве и е нотиран во најновиот извештај на Европската комисија и другите релевантни институции за Северна Македонија во областа на правата на потрошувачите и здравствената заштита.

„Ќе направиме усогласување на целото домашно законодавство со законите на ЕУ во делот на заштита на потрошувачите, со посебен акцент на зголемувањето на капацитетите на нашите оперативни структури, кои управуваат и вршат инспекција. Ќе вложиме многу повеќе напори во детаљна контрола на тутунот, ефикасно да ги спроведеме сите релевантни закони на ЕУ, и конечно, да го усвоиме и ратификуваме протоколот за елиминирање недозволена трговија со производи од тутун. Ќе обезбедиме доволно финансиска поддршка за здравствените институции што работат на специјализирано знаење за рано откривање на канцерот и ретките болести базирајќи се на податоците од регистрите“, рече Битиќи.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на крајот на своето обраќање ја искажа посветеноста на Северна Македонија на усвојување на новиот Закон за заштита на потрошувачите и паралелно ќе се работи и на надминување на проблемите поврзани со безбедноста преку дефинирање јасна постапка за жалбите на потрошувачите за телото што ќе одлучува и методологијата за компензација за секое кршење на законот од страна на продавачите.

Работната група за ова поглавје ја предводи главниот преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, и неа ја сочинуваат претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, Комисијата за хартии од вредност, Централниот регистар, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Управата за финансиско разузнавање, Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Вицепремиерот Битиќи и неговиот Кабинет, како што е предвидено во нашата преговарачка структура, се назначени за координатори на целиот Кластер 2, покрај координацијата на Секретаријатот за европски прашања како институција назначена за координација на национално ниво.

В петок ќе се одржи билатералниот состанок за Поглавјето 2, „Слобода на движење на работниците“.