Путин е се подалеку од победата на која се надеваше бидејќи после цела година не успеа ниту да се доближи до Киев ниту да окупира и отцепи поголема геостратешка територија од Украина., пишува националниот координатор за ‘Отворен Балкан’ и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.
Според него срушен е митот за наводната јачина на руската војска, Кремљ претрпе огромни штети и загуби по своите воени и човечки капацитети, поддршката од светот е сведена на минимум, а западот воведе комплексни санкции за Русија кои во комбинација со загубите на ресурси претставуваат сериозен удар за развојот на руската економија на која до сега беше навикнато населението.
-Една година после почетокот на руската воена инвазија врз Украина, она што преовладува како глобална перцепција и порака која денес го обиколува светот е херојството на украинскиот народ и обединувањето на западниот демократски свет во поддршката на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, оценува Забрчанец во анализата за Цивил медиа.
Тој додава дека кон перцепцијата за Путин како губитник влијаат и неуспесите на руските информациски интервенции на Западен Балкан односно тоа што Путин не успеа да го спречи членството на Црна Гора и Северна Македонија во НАТО, ниту пак европската интеграција на Србија.
– Западен Балкан речиси и да е независен од руската економија, имајќи предвид дека регионот успешно го диверзифицира своето снабдување со гас и станува енергетски независен благодарение на заедничката европска енергетска политика и на се поголемото искористување обновливи извори на енергија за што сме особено погодни како поднебје. За нашата целосна независност од Русија говори и фактот што трговската размена на Северна Македонија во 2022 година со Европската Унија изнесувала повеќе од 12 милијарди евра вкупна вредност на годишниот увоз и извоз, наспроти само 470 милиони евра вредност на трговската размена со Русија, што е 25 пати помалку во споредба со размената со ЕУ, пишува Забрчанец.
Според него ваквите тенденции укажуваат на непобитност на фактот дека бројот на граѓани од Западен Балкан кои се изјаснуваат за неутрални по однос на руската војна против Украина само ќе се намалува, а регионот ќе продолжи да се интегрира западно-демократски во услови кога истокот не само што не е алтернатива, туку претставува и опасност по безбедноста и мирот.