25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Рестрикциите за струја останаа неостварена желба на опозицијата, домашните капацитети ги задоволија потребите на граѓаните

Зимскиот период, односно грејната сезона во земјава изминува без рестрикции за електрична енергија. Најавите за можен недостаток на струја започнаа уште летото, откако беа воведени санкции за енергенси поради руската агресија во Украина. Сепак, ситуацијата сега резултира со зголемено домашно производство на електрична енергија и нема зголемување на цената на електричната за крајните потрошувачи, односно домаќинствата и стопанството. Со воведувањето на блок-тарифите, кај одредени корисници дури има и намалување.

Со најави за рестрикции прв започна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој уште на почетокот на септември изјави дека Владата разгледувала опции за рестрикција на струја. Иако ваквите негови ставови не беа потврдени, веќе наредниот месец тој рече дека состојбата е алармантна и со почетокот на грејната сезона електро – енергетскиот систем во Македонија ќе биде сериозно оптоварен поради потребите на граѓаните и стопанството. Од ЕСМ пак одговорија дека „рестрикциите не се опција“. Мицкоски овојпат нагласи дека рестрикции во земјава ќе има, а дека дополнително тоа се планирало и за енергетските компании.

„Од она што го имам како информација е дека се подготвува и во енергетските компании план за рестрикции. Не знам колку е тоа вистина, но таа информација дојде до мене. Значи се враќаме 30-40 години назад во времето, со оваа Влада на СДСМ се е можно, вклучително и рестрикции и враќање назад“, рече Мицкоски.

Во интервју за МРТ, лидерот на опозицијата истакна дека „би било навистина срамота ако во 21 век во Европа земја кандидат за членство во Европската унија во услови на вака развиена дистрибутивна преносна мрежа има рестрикции“. Тој исто така додаде дека граѓаните и компаниите ќе плаќаат многу повисоки сметки поради тоа што власта ќе започне да увезува струја од соседството.

Во меѓувреме, според последните податоци од диспечерскиот извештај на АД ЕСМ домаќинствата и дополнителните снабдувања се целосно задоволени со електрична енергија од капацитетите на ЕСМ.

„АД ЕСМ на 05.02.2023 година произведе 20.926 MWh електрична енергија, со што целосно со сопствена произведена енергија ги задоволи потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, како и потребите за дополнителни снабдувања за училишта, прехранбена индустрија и други витални држави субјекти. Во Термоелектраните произведени се 13.430 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 7.496 MWh“, истакнаа од компанијата.

Државата ги ангажираше сите капацитети за домашно производство на електрична енергија, што придонесе цената на струјата да не се зголемува. Светската енергетска криза предизвика за првпат во 70 години, сите енергетски капацитети во државата, како што се трите блока на РЕК Битола, РЕК Осломеј, ТЕЦ Неготино, електраните на гас во Скопје, како и сите агрегати на хидроелектраните во државна сопственост, да се во функција и да произведуваат енергија. Воедно ЕСМ успева да обезбеди струја за 100 проценти од домаќинствата во државата, како и евтина електрична енергија за училиштата, прехранбената и месната индустрија, јавните комунални претпријатија и болниците. Исто така, се регистрира и извоз на струја, што овозможува дополнителен девизен прилив.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека со последните податоци „паѓаат во вода сите тврдења на некои политичари, меѓу кои има и електроинженери“.

Дополнително, Регулаторната комисија за енергетика од 1 јули воведе четири блок тарифи заради рационално користење на електричната енергија. Според РКЕ, реформата е успешна и блок тарифите даваат резултати и ја постигнуваат таргетираната цел за рационално користење на електрична енергија. Оттаму велат дека принципот – кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку – има ефект и тоа го покажуваат анализите на просечната потрошувачка на електрична енергија во висока тарифа каде се регистрира за 16,32% заштеда за првите четири месеци од воведувањето на блок тарифите. Според податоците, за околу 70.000 мали компании на регулираниот пазар цената на струјата е намалена, а 99,2 проценти од домаќинствата немаат зголемени цени на електрична енергија.

Д. Е.

извор: Фронтлине.мк