Законот за плати е обид за системско решевање на проблемот со платите во јавниот сектор, кажа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во гостувањето во „24 анализа“. Тој кажа дека предлогот е поставен на ЕНЕР за да може секој да го даде својот коментар, но ќе бидат направиме дополнителни консултации.
-Ова мора да се стави во ред. Некој умешно, сакајќи, го нарушил целиот систем, некој намерно сакал да го наруши вредносниот систем во целата администрација. Не може да имате раководител на сектор за буџет кој се грижи за секој еден денар во државата да има пониска плата од некој раководител во дирекција што е загубар, не може, тоа укажува дека нема систем. Треба да се одважите, да направите исчекор, колку и да е болно. Не може оние што спасуваат животи да земаат пониски плати. Еден лекар специјалист којшто треба да отвори срце на некое дете треба да биде достоинствено платен. Мора да воспоставиме ред колку е тоа, кажа Битиќи.
Тој додаде дека преговарачите од земјава кои во Брисел преговараат за членство во Европската унија добиваат плата којашто е една десетина од нивните колеги од други земји.
-Законот за плати е правичен, праведен и чесен, истакна Битиќи.