25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДУХОВИТЕ ОД МИНАТОТО НАД СКОПЈЕ И СОФИЈА: „Чествувањето на Гоце Делчев ќе покаже кои се вистинските патриоти во двете земји“

Во Скопје утре традиционално и свечено ќе се одбележи 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а поради зголемените тензии меѓу Северна Македонија и Бугарија во последните денови, улицата што води кон црквата Св. Спас, каде што почива телото на македонскиот великан, веќе е блокирана. Под полициски надзор е и црквата, како и околните улици. Целиот настан ќе го обезбедуваат засилени полициски сили, а од МВР велат дека нема да дозволат никакви инциденти. Најавени се и гости од Бугарија, како и македонски државјани со бугарска самосвест кои ќе сакаат да му оддадат почит на Делчев. Засега нема објава дали на чествувањето ќе има и официјална бугарска државна делегација, предводена од некој член од тамошната Влада.

Во однос на тоа што може да се очекува утре, но и во наредните денови, „Локално“ ги праша дел од бугарските аналитичари и експерти. Универзитетскиот професор Михаил Иванов и поранешен советник на екс претседателот Жељу Желев во изјава за нашата редакција вели утрешниот ден ќе биде голем тест.

-Роденденот на Гоце Делчев оваа година ќе биде тест за мудроста на властите и народите на Бугарија и Северна Македонија. Ќе биде добро ако официјалните лица од двете земји заедно му оддадат почит на херојот, апелира Иванов.

Според него, би било сквернавење на споменот на Делчев доколку неговиот ден биде нарушен со провокации.

-Ова ќе покаже кои се вистинските патриоти во двете земји. Гоце Делчев не може да се подели. Етнички е Бугарин, политички е Македонец. Затоа Гоце не обединува сите нас – Бугарите и Македонците. Со тоа се заклучува прашањето, потенцира Иванов.

Политичкиот аналитичар од Софија, Владимир Владимиров за „Локално“ исто така се надева дека денот ќе помине без провокации и инциденти и ќе има спокојно чествување на ваков важен ден.

-Исто така очекувам дека ќе има луѓе кои што не доаѓаат само да донесат цвеќе и да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев, туку да провоцираат и од двете страни – и од Бугарија и од Македонија. Сметам дека тензиите во односите во последните недели не е случајно и тоа е организирано. Во таа смисла можни се провокации, истакнува Владимиров.

Додава дека го радува фактот што полицијата и безбедносните служби од двете страни комуницираат и се договорија за соработка за европско и нормално чествување на 4-ти февруари.

-Сепак се надевам дека се ќе помине без проблеми, дециден е соговорникот.

На прашањето зошто заедничкото чествување е толку голем проблем, Владимиров тврди дека постојат две причини.

-Одредени политичари овој настан го користат за трупање на политички поени, што не е дозволиво за две држави кои се сојузници во НАТО и кои треба да бидат добри пријатели. Втората причина е и поради историографијата на Македонија и Бугарија. Тие стојат на позиција од пред 50-60 години. Соодветно бугарската позиција според голем дел од историчарите е создадена во времето на диктаторот Тодор Живков, а македонските позиции ги влечат своите корени од времето на Југославија, смета аналитичарот.

Тој дава и свое мислење што после 4-ти февруари во односите меѓу двете земји.

-После утре очекувам односите меѓу двете земји ќе се движат во правец каде што би требало вистински да бидат – на патот кон европската интеграција и пријателство, на патот кон инфраструктурните и заеднички проекти и пријателството и добрососедството. Тоа е единствениот европски и нормален пат. Секој кој се спротивставува на ваквиот начин на комуникација не е ниту бугарски, ниту македонски патриот, посочува Владимиров.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска апелираше на мирно и достоинствено одбележување на раѓањето на Делчев. -Повикувам на достоинствено, мирно одбележување на денот кога ќе му оддадеме почит на неговиот идеал за напредни општества и за градење цивилизациски вредности, рече Османи. Тој истакна дека секој граѓанин на Република Бугарија и на која било друга земја е добредојден во Северна Македонија, при што мора да се однесува со почит кон нашата земја и кон македонскиот народ.

Истото денеска го порача и премиерот Димитар Ковачевски.

-Апелирам сите да бидеме обединети и горди и заедно да покажеме достојна почит кон великанот Гоце Делчев. До патриотските здруженија и поединци апелирам да се воздржат од провокации. Мнозинството сака мирно чествување на овој настан. Нема да дозволиме инциденти, рече претседателот на Владата.

Н.П.

извор: Локално.мк