Средба со Алмотаз Абади, заменик на генералниот секретар на Унијата на Медитеранот
Министерот Нуредини одржа работен состанок со заменикот на генералниот секретар на Унијата на Медитеранот, Алмотаз Абади на кој зборуваа за зајакнување на регионалната соработка преку дијалог и имплементација на регионални проекти и иницијативи. На средбата министерот Нуредини ја потенцираше исклучително активната улога на Република Северна Македонија во развивање на регионалната соработка преку негување на добрососедските односи, а во насока на заштита на животната средина.
Северна Македонија активно придонесува во регионалните проекти за интегрирано управување со водните ресурси во сливот на Црн Дрим и проектите за заштита од поплави во долниот дел на реката Вардар, како прекуранични сливови што директно или индиректно преку Јадранско и Егејско Море влијаат врз квалитетот на Средоземното Море.
Дополнително, министерот Нуредини истакна дека посветени на Зелената Агенда за Западен Балкан за што инвестициите во подобрување на мрежата за отпадни води, воспоставување на регионални центри за управување со отпад и циркуларна економија, како и заложби за декарбонизација на економијата преку мерките и политиките за ублажување на климатските промени.
Заменик на генералниот секретар на Унијата на Медитеранот, Абади, отворено изрази поддршка за помагање во политичкиот дијалог за промовирање на постигнатите резултати во областа на управување со води, циркуларна економија и процесот на декарбонизација на економијата на Република Северна Македонија како на нова земја членка на Унија за Медитеранот.
Со вклучување на соодветни партнери преку Унијата за Медитеранот, која брои 43 земји членки (ЕУ и 16 земји кои го делат Медитеранот), се отвара можност за пристап до потенцијални финансиски институции и пренос на соодветни знаења и искуства во насока на заштита на животната средина. Исто така, се отвара можност за зајакнување на дијалогот со земјите членки на ЕУ во контекст на остварување на националниот приоритет – европска интеграција.