„Сакаме во Северна Македонија да бидат заштитени правата на Бугарите. Ние се стремиме кон таква деескалација, која ќе доведе до подобра заштита на правата на Бугарите. Очекуваме практични чекори. Најважниот практичен чекор, секако, е вклучувањето на Бугарите во Уставот“. Ова го изјави во интервју за БТВ бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, за заладените односи со Македонија.
Шефот на дипломатијата одговори и на македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече дека случајот со насилството во Охрид го политизираат одредени политички субјекти во Бугарија.
„Прашањето за почитување на правата на луѓето со бугарска самосвест, како и на бугарските граѓани кои живеат во Република Северна Македонија и политичко прашање. Тоа е содржано во различни документи. Тоа е вградено во Декларацијата на Националното собрание од октомври 2019 година и не сме должни да реагираме соодветно“, рече Милков.
Според него, односите со Северна Македонија во Бугарија многу поретко се прашање на внатрешна политика отколку во самата Северна Македонија, а во случајот со нападот на Пендиков, несомнено станува збор за злосторство од омраза.
„Мислам дека можам да се повикам на она што македонскиот обвинител го кажа првично. Во првите часови по инцидентот имам чувство дека имало одреден притисок и веднаш морал да признае дека се работи за злосторство од омраза. Самиот обвинител рече дека бил нападнат конкретно како Бугарин и затоа што е Бугарин, што несомнено е злосторство од омраза. Во оваа смисла, мислам дека беа и изјавите на Бујар Османи, кој дојде во посета на Софија и му благодарам на мојот колега министер за овој гест“, рече Милков.
Нагласи дека нападите против Пендиков продолжиле и откако бил пренесен на во Софија – телефонски добивал навреди и закани. Поради заканите, во оваа фаза, Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб во Охрид, нема да се врати во Македонија, туку ќе остане во Бугарија, рече тој.