„Текот на скрининг процесот се одвива со предвиденото темпо и ние како држава мораме да ја задржиме оваа динамика во текот на целиот процес на преговори со ЕУ. Јас поставив амбициозна, но не и невозможна цел, членството на Северна Македонија во ЕУ до 2023 година и затоа мора да имаме континуитет, силна волја, посветеност и тоа да го направиме, не поради Европската Унија, да го направиме поради нашите граѓани“, рече премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања.
Тој додаде дека завршен е билатералниот скрининг за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“, а започна билатералниот скрининг за Кластер 2, „Внатрешен пазар“со скрининг состанок за Поглавјето 3, „Право на основање и слобода на давање услуги“, кој во понеделникот се одржа во Брисел.
„Досега коментарите од страна на Европската комисија се одлични. Нашите делегации имаат квалитетни презентации во сите поглавја. За нас како држава од клучна важност се областите кои се дел од Поглавјето 3. На сето ова претходеа интензивните подготовки во изминативе 3 месеци. Ние сме силно посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста со цел што побрза транзиција кон единствениот пазар на ЕУ за што овој кластер е посебно важен бидејќи во него го содржи усогласувањето со четирите основни слободи – стоки, услуги, луѓе и капитал, што е основата на Договорот на воспоставување на Европската Унија. Што е најважно, ние ги следиме укажувањата и препораките од извештајот на Европската комисија и генерално за поглавјата во овој кластер имаме умерена подготвеност. Во наредните 3-4 месеци, очекуваме да го добиеме скрининг извештајот за Кластер 1, тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции“, рече Ковачевски и додаде дека оваа година е година која на европски план треба да ни донесе целосно комплетирање на скрининг процесот и реформски напредок.
Премиерот подвлече дека Владата е одлучна да ги спроведе сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство.
„Ова е наша историска можност која ја чекавме долго, и сега кога имаме можност не смееме да ја пропуштиме. Преговорите со Европската Унија се можност од темел да се трансформира и реформира нашата држава, на нашите граѓани да им овозможиме европски услови за живот и работа и тоа тука дома. Јас во овој процес гледам најдобар механизам за спроведување реформи кои ќе придонесат за зајакнување на демократијата и создавање зрело општество со силни и ефикасни институции. Мислам дека треба да продолжиме со реформите, свесни за фактот дека полноправното членство во Европската Унија ни е од стратешки интерес кој може да го оствариме многу брзо, со заложба од сите заинтересирани страни и со врвна одговорност на сите политички партии“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека некои одлуки треба да се донесат заради граѓаните на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошките разлики.