17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Митева: Осуда за автократскиот однос на Ковачевски кон медиумите

„Срамен, недоличен и дрзок е односот што власта го применува кон медиумите. Слугата на Али Ахмети, Димитар Ковачевски, несоодветно и на автократски начин етикетира медиуми, само затоа што професионално и во интерес на јавноста информираат за реалните состојби во кои се наоѓа Македонија. И ова не е прв случај во кој власта се однесува со репресија и цензура кон медиумите и новинарите“, порача денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

„Пред само една недела на двајца новинари не им беше дозволено да присуствуваат на настан на Ковачевски. Вчера, Ковачевски докажа дека со СДСМ и ДУИ на власт Македонија спаѓа во оние земји во кои не постојат слободни медиуми. Медиумите што критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата ѝ пречат на власта. СДСМ докажа дека не ја почитуваат слободата на говорот како дел од фундаменталните човекови права. Македонија е на дното по многу основи, но кога власта со ваков однос се обидува да нападне новинарство и медиуми, е последната фаза на тотална автократија“, рече Митева.

Таа рече „бараме од сите општествени фактори, од меѓународната заедница, но најмногу од портпаролите на Владата и портпаролите на СДСМ, како лица што се во секојдневна директна комуникација и соработка со медиумите, да се оградат од односот на Ковачевски и да го осудат ваквиот чин на навреда кон медиумите. Во спротивно, доколку портпаролите не го сторат тоа, само потврдуваат дека го делат истото мислење со Ковачевски за медиумите“.

„Бараме Ковачевски да се охрабри и во најмала рака да им се извини на медиумите за ваквите несоодветни изјави. Ковачевски не треба да има мислење за уредувачката политика за медиумите, напротив, негова должност е да има сопствено мислење за скандалите на власта, за криминалите, како и за катастрофалната состојба во која се наоѓа Македонија“, рече Митева.