20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стоилковски: СДС и ДУИ седум години се на власт и немаат спроведено ниедна мерка за борба против загадувањето

„СДС шеста година ништо не презема од тоа што како централна власт го има ветено како обврска, а во врска со амбиенталното загадување на воздухот. Загадувањето на воздухот е национален проблем и за ефикасно намалување на загаденоста, потребни се национални мерки и проекти, кои значително ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Стоилковски потсети на заклучоците од собраниската комисија од крајот на 2018 година.

„Имено, на 27 ноември и на 25 декември 2018 година, Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на јавна расправа на тема: ‘Енормно загадување на амбиенталниот воздух во Република Македонија’, има донесено голем број заклучоци, меѓу кои:

– Да се забрза процесот на гасификација;

– Да се воведат субвенции за приклучување на греење, кон гасификација, како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;

– Градот Скопје и сите други општини да ги зголемат зелените површини во градските подрачја;

– Се препорачува Министерството за економија да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата, кои ќе користат обновливи извори на енергија;

– Владата и Министерството за животна средина до Собранието да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина, кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот“, појасни Стоилковски.

Портпаролот истакна дека од Владата бил испратен и документ до Собранието, со датум од 11 декември 2018, каде што стоело дека Владата на седница донела план за акција и мерки за борба со загадувањето. Но, од тогаш до денес ништо се нема исполнето.

„Наместо празни флоскули, СДС со ДУИ доволно е само да почнат да работат според она што самите тие го изгласале и во Собранието и во Владата како одлуки, преземени обврски, а засега ништо нема од нив ниту на локално, а уште помалку на централно ниво. Ќе повторам, СДС дојде на власт со ветувањата за чист воздух, 7 години потоа ништо не е променето. Четири години ја имаа локалната власт, ја имаа и целата власт во Македонија сосе централната, не презедоа ништо од заклучоците што ги усвоија нивните пратеници. Седум години се централна власт, а немаат спроведено ниеден проект или поголема мерка од национален карактер за борба против загадувањето“, заклучи Стоилковски.