14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАЛОКАЛНО

Последен поздрав од прилепските социјалдемократи до починатиот пријател и другар, Илија Велкоски – Ѕаната

По повод смртта на Илија Велкоски – Ѕаната, денеска во просториите на Општинската организација на СДСМ-Прилеп се одржа комеморација. Во име на неговите сопартијци, за животниот пат на Ѕаната говореше неговиот колега и партиски другар, Рубин Белчески.

Во своето обраќање Белчески истакна:

„Тешко ми е да зборувам во минато време за нашиот партиски другар Ѕаната. Долги години беше директор на „Завод и Mузеј“ – Прилеп, придонесувајќи за неговиот развој, афирмација и популаризација во земјата, но и надвор од неа. Тука го достигнува  највисокото професионално музејско звање кустос – советник, оставајќи неизбришлива трага во културата и уметноста, каде беше учесник во реализацијата на голем број проекти, истражувања, изложби, предавања и автор на повеќе трудови.

Успешно ја извршуваше и функцијата директор на ЦК „Марко Цепенков“, а како голем љубител на книгата, со својата сопруга Билјана поседуваат раритетна библиотечна збирка, забележана во публикацијата „Семејните библиотеки во Прилеп“.

Беше член на Друштвото за наука и уметност – Прилеп, член на Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ), соработник на многу општински, владини и невладини организации, секогаш желен за активност, соработка и помош.

Исто така, еден временски период беше член, а потоа и претседател на Советот на Општина Прилеп, работејќи и посветувајќи се целосно на развојот на градот кој многу го сакаше.

Почитувајќи ги традициите на НОБ, Илија беше долгогодишен член на Општинската организација на Сојуз на борци на Прилеп, претседател на прилепската боречка организација, како и член на Главниот одбор на Сојуз на борци на Македонија.

Како наш сопартиец, Ѕаната имаше континуитет на своето членство од СКМ, преку СКМ-ПДП до СДСМ, од 1980 година се’ до неговата смрт, што значи дека во нашата партија членуваше полни 42 години.

Без разлика дали партијата беше на власт или во опозиција, на републичко или на општинско ниво, почитуваниот другар Илија беше тука да дава идеи, предлози, насоки во политичкиот дел од активностите на СДСМ.

Секако, треба да потенцираме дека тој беше општественик со голем капацитет на знаење, активен во повеќе полиња, како: историјата, историјата на уметност, заштита на културното наследство, музеологијата, уметноста, општо кажано, културата.

Денес кога му оддаваме почит, останува да кажеме уште дека Ѕаната беше голем човек со големо срце. Секогаш ќе ни недостасуваат неговите досетки, песни, раскажувања, доживувања.

Почитуван Илија, ќе ни недостасуваш многу! Во овие тешки моменти на разделба, ти се заблагодаруваме за се“ што направи за нас, а направи многу!

Почивај во мир и вечна ти слава, другар Илија Велкоски – Ѕана!“.

Спонзорирано: