9.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Маричиќ-Варвициотис: Грција останува важен партнер на Северна Македонија на европскиот пат

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Атина оствари средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, на која беше разговарано за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и соработката меѓу двете земји на ова поле.

„Северна Македонија ја има Грција за партнер и силен поддржувач на европскиот пат. Добрососедските односи и поддршката која ја имаме од Грција отвораат простор да се фокусираме и да зборуваме за европската иднина и за македонските евроинтеграции“, рече Маричиќ на средбата.

Варвициотис потврди дека Грција е искрен и силен поддржувач на Северна Македонија на европскиот пат и дека во текот на процесот на преговори можеме да сметаме на помош во постигнувањето на европските стандарди и забрзување на евроинтеграцијата.

Тој додаде дека е задоволен од досегашната соработка и добрите односи помеѓу двете земји, пример што треба да го следат и други земји. Почитувањето на меѓународното право е единствениот начин за градење добрососедски односи и просперитетна иднина на двата народи, додаде Варвициотис на средбата.

За Маричиќ денешната официјална посета на Атина е уште една потврда за постоење на добра политичка волја и потенцијал за меѓусебна соработка во остварувањето на заедничките стратешки цели и нови инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат мобилноста на нашите граѓани, како отворањето на граничниот премин Маркова Нога за кој соговорниците изразија уверување дека ќе има успешна реализација и брзо и ефикасно отворање.

На состанокот Маричиќ и неговиот грчки колега Варвициотис дискутираа и за билатералните односи, случувањата во регионот, проширувањето на ЕУ, енергијата, војната во Украина и кризите предизвикани од истата.

Спонзорирано: