19.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Брифинг за борбената готовност на Армијата пред претседателот на Република Северна Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, денес во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, беше информиран со состојбата и реализацијата на плановите и задачите на Армијата на Република Северна Македонија кои влијаат на борбената подготвеност на Армијата.

За време на брифингот за борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, пред претседателот Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, заменикот на министерот за одбрана, генералите во Армијата и претставниците од кабинетот на претседателот и министерката, ја претставија состојбата во Армијата според функционалните области кои се дел од борбената готовност.

Пред воениот врв се презентираа реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2022 година, како и клучните задачи за следната 2023 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка.

За време на брифингот беше истакнато дека Армијата на Република Северна Македонија во тековната година успешно ги реализираше сите предвидени задачи и борбената готовност е на потребното ниво. Подготвеноста на командите и единиците на Армијата се одликуваше со навремена реализација на активностите со планираната динамика во процесот на трансформацијата и спроведување на планот за модернизација, изведување на обуката според актуелните безбедносни предизвици и стандардите на НАТО, како и зголемување на учеството во операциите во странство.

Министерката Славјанка Петровска во својот осврт во рамки на брифингот, истакна дека развојот на одбраната јасно се гледа преку зголемувањето на одбранбениот буџет во последните неколку години. „Со задоволство можам да кажам дека предвидената стапка на раст ја задржуваме и за 2023 година, кога ќе одвоиме 274 милиони за обраната, што е 1,85% од БДП. Цврсто сме одлучни да го достигнеме 2% од БДП во 2024 година, не заради Алијансата, туку за нашата Армија, нашите припадници, нивната опрема и нивниот стандард. Дополнително, драго ми е од буџетот за 2023 година, 33% се алоцирани за модернизација и опремување, што го менува ликот на Армијата во целост. Нашата Армија е НАТО Армија и затоа не отстапуваме од тоа секојдневно да го менуваме ликот на нашиот припадник, кој мора да има нова и модерна опрема и висок стандард.

Сите овие преземени чекори се во насока на зголемување на борбената готовност на Армијата, кое гарантира мирна, безбедна и стабилна држава и цврста колективна одбрана во НАТО Алијансата“, истакна министерката Петровска.

На брифингот, претседателот Пендаровски истакна дека и во 2022 година припадниците на Армијата ја докажаа својата професионалност, посветеност и подготвеност. Во годината кога ја одбележавме 30- годишнината од нејзиното формирање, рече претседателот Пендаровски, Армијата уште еднаш ја оправда високата доверба што ја има кај македонските граѓани. Дополнително, посочи претседателот Пендаровски реализирацијата на обемната воена вежба „Брз одговор 22“ на воениот полигон „Криволак“ го демонстрираше капацитетот на Армијата да даде придонес кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на НАТО, во време на предизвици по руската агресија на Украина .

Претседателот Пендаровски ги реафирмираше неговите заложби за натамошно инвестирање во модернизирањето и опремувањето на Армијата и достигнување на зацртаната цел – 2% од БДП да се одвојува за одбраната.

Како позначајни активности на Армијата на Република Северна Македонија во текот на јубилејната година се учеството на триесетина меѓународни вежби во земјата и во странство, меѓу кои како позначајни се вежбите „Блесок-22“ на која се изврши оценување на Лесниот пешадиски баталјон и „Swift Response 22“ на која учествуваа околу 4.600 припадници од осум НАТО земји, при што беа изведени над 700 падобрански скокови.

Во однос на учеството во меѓународните операции припадници на Армијата учествуваат во операциите: „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, каде оваа година учеството го зголемивме со еден пешадиски вод; „Унифил“ во Либан каде учествуваме со штабни офицери; „КФОР“ во Косово каде учествуваме со два вода за обезбедување и штабен персонал; „ЕУТМ“ во Централноафриканската Република и НАТО мисијата „НМИ” во Ирак со по еден претставник како штабен елемент. Од оваа година во јуни 2022 година, започнавме со придонес во рамките на НАТО мисиите „Зајакнато истурено присуство“, односно Enhanced Forward Presence (eFP) во Латвија и т.н. „Активности на зголемена будност“, односно enhanced Vigilance Activities (eVA) во Бугарија и Романија.

Брифингот за борбената готовност е редовна годишна обврска на началникот на Генералштабот пред врховниот командант, со цел претставување на состојбата во областите кои имаат влијание на борбената готовност на Армијата и планираните активности за следната година.