25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска: Ги јакнеме капацитетите на институциите надлежни за финансиски истраги и конфискација на имот

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политика за добро владеење, Славица Грковска денеска оствари средба со работната група на Националната комисија за следење на Стратегијата за водење финансиска истрага и конфискација на имотот за период од 2021-2023 година со акциски план.

На иницијатива на вицепремиерката Грковска, а во соработка со директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски на институциите кои се дел од работната група на Националната комисија за следење на Стратегијата за конфискација на имот им да беа доделени вкупно 90 преносни компјутери.

На овој начин се зајакнуваат капацитетите на Основното јавно обвинителство Скопје, Канцеларијата за поврат на имот, Министерството за внатрешни работи – Единица за финансиски истраги и полициски службеници од СВР кои работат на финансиски истраги, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот, особено во делот на финансиските истраги и конфискацијата на имот.

На состанокот се разговараше и за системското следењето на предмети поврзани со организиран криминал „track record”. Единствено преку конкретни бројки, визуелизација на предметите, можеме како држава да го покажеме степенот на успешност во сузбивањето на организираниот криминал.

Вицепремиерката Грковска истакна дека од клучно значење е оваа соработка и донација во процесот на реализација на Стратегијата и акцискиот план за конфискација на имотот и дека со овој чин ќе се олесни и зајакне нејзината имплементација.

„Воедно, од клучно значење е создавањето на системско софтверско решение преку кое ќе се евидентираат предметите поврзани со организиран криминал и воедно ќе се утврдуваат и следат состојбите во институциите и нивното работење на предметите, како и имплементацијата на законските решенија со кои се регулира оваа материја”, посочи вицепремиерката Грковска и додаде дека тоа првенствено ни е потребно нам, за да ја знаеме фактичката состојба и соодветно да реагираме, меѓутоа тоа е барање и на Европската Унија.

На овој состанок беа прецизирани конкретни рокови за реализација на следните чекори на институциите кои се дел од работната група на Националната комисија, особено во однос на софтверското решение за следење на предметите.