Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со дел од раководството на МВР имаше работна средба со раководствата на Регионалниот центар Југ, СВР Битола и СВР Велес со цел согледување на сработеното како и лично запознавање со реализираните активности и постигнатите резултати во 2022 година. На средбата министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјата на Регионалниот центар Југ, СВР Битола и СВР Велес, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои се преземаат, во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста и заштита на граѓаните. Министерот Спасовски напомена дека на територијата на Регионалниот Центар за Гранични Работи Југ во периодот јануари – ноември во 2022 година споредбено со истиот период минатата година се бележи зголемување за 25% на бројот на откриените илегални преминувања, како и зголемување на откривачката дејност за 66% за откриени случаи на криумчарење мигранти.
„Годинава бележиме зголемување на откриените фалсификувани возила за 18% во споредба со минатата година. Во периодот јануари – ноември 2022 година споредбено со истиот период во 2021 година бележиме тренд на зголемување на откриените случаи на прекуграничен криминал за 70 %. Во овој период регистрирано е зголемување на протокот на патници за 46 %“, истакна Спасовски дополнувајќи дека во однос на Оперативната акција „Дозвола“ насочена кон возила кои вршат јавен превоз на патници од јуни до ноември оваа година санкционирани се 88 прекршоци. За територијата која е во надлежност на СВР Битола, министерот потсети дека во периодот јануари – ноември 2022 година, споредбено со истиот период во 2021 година, зголемена е откривачката дејност на сторителите на кривични дела за 52%. „Позитивниот тренд во 11-те месеци годинава присутен е и во областа на безбедноста во сообраќајот, каде имаме намалување за 11% на бројот на сообраќајни незгоди, а тоа резултираше и со намалување на бројот на жртви оваа 2022 година во споредба со 2021 година. Со посебно задоволство ќе споменам дека во борбата против нелегалната трговија со дрога и оружје СВР Битола оваа година може да се пофали со зголемување од 34% на откривачката дејност, споредбено со истиот период во 2021 година. Во делот со бесправната сеча и пустошење на шумите, годинава имаме тренд на зголемување на откриената дрвна маса за повеќе од 100%“, дециден беше Спасовски.
Што се однесува за територијата на СВР Велес, Спасовски истакна дека во периодот јануари – ноември 2022 година, споредбено со истиот период во 2021 година, се бележи намалување на вкупниот број на кривични дела за 17,14%. „Во однос на недозволената трговија со дрога бележиме зголемување во откривачката дејност за 39,1%. Позитивниот тренд во 11-те месеци годинава присутен е и во областа на безбедноста во сообраќајот, каде имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди со потешки последици за 4,7%“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски изрази уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, па со добри резултати во поглед на ефикасноста ќе ја испратиме оваа година, што ќе биде дополнителен мотив за уште подобри резултати во годината што следи.