20.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска за „Вечерње новости“: На регионот му е потребен побрз раст за приближување кон Европската Унија

„Иницијативите што може да ги намалат препреките за слободен проток на луѓе, стоки, услуги, капитал имаат потенцијал за унапредување на перспективите за економски раст на регионот. Тоа е особено значајно за нашите мали и отворени економии, со ниво на доход коешто е само околу 39% од доходот на ЕУ. Досегашните успешни транзициски примери упатуваат дека за побрза доходовна конвергенција на економиите, а особено на малите, од големо значење е намалувањето на препреките и зголемувањето на трговската интеграција“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју дадено за „Вечерње новости“.

Говорејќи за квалитетната соработка којашто ја има нашата централна банка со централната банка на Србија, гувернерката посочи дека таа се спроведува во повеќе домени на работењето, по што додаде: „Во тој контекст е и заедничкиот регулаторен потег за вклучувањето на денарот и динарот на нашите курсни листи, со што се овозможи и двете валути да се купуваат и да се продаваат на домашните девизни пазари. Со тоа, се поедноставува економската соработка, се поттикнува натамошното засилување на трговските и финансиските текови меѓу двете земји.“

Ангеловска-Бежоска во интервјуто нагласува дека двете земји постојано работат на можностите за побрзо поминување низ процесот на монетарна интеграција, кога ќе дојде моментот за тоа. Притоа истакна: „Првиот услов е полноправно членство во ЕУ. Вториот услов е исполнување на Мастришките критериуми, а двете земји во овој поглед имаат добри остварувања, што покажува висок степен на подготвеност. Впрочем и извештаите на ЕК упатуваат на вакви заклучоци. Со последните промени, земјите ќе мора да дефинираат и конкретни чекори за приклучување кон единствениот супервизорски механизам, преку т.н. „блиска соработка“ со ЕЦБ. Ние направивме голем чекор во овој поглед, со оглед на тоа што добивме зелено светло од Европскиот банкарски орган и формална оцена на еквивалентност на нашата регулатива и супервизорски практики со оние на ЕУ. Сите напори што ги вложуваме се однесуваат токму на високата подготвеност за воведување на еврото.“

Спонзорирано: