14.8 C
Скопје
15. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Повик до сите политички партии да ја споделат песната Инсиеме/Заедно на своите профили на социјалните мрежи

Цивил упати јавен повик до сите политички партии да ја поддржат иницијативата за општествено-политичко обединување за европска иднина на нашата земја. Тоа можат да го сторат на едноставен начин: на профилите на социјалните мрежи на партиите, ограноците или на партиските лидери, да го споделат линкот до песната од видео каналот ЈуТуб или од Фејсбук.

Партиите можат својата поддршка за проевропската иницијатива да ја изразат и преку соопштение до јавноста во која ја изразуваат поддршката за Иницијативата на Цивил за општествено и политичко обединување за европската иднина, изразено и преку продукција на македонската верзија на песната Инсиеме/Заедно.

Без оглед на разликите во политичките програмски определби, без оглед на разликите во ставовите и честите препирки во јавноста, најголем дел од политичкиот естаблишмент во нашата земја се согласува барем во едно, а тоа е членството во ЕУ.
Политичките лидери и претставнички и претставници на политичките партии треба да ја искористат можноста да им се придружат на музичките ѕвезди и граѓанското општество и јасно да го изразат својот став околу стратешкиот интерес на нашата држава – членство во ЕУ.
Северна Македонија долго чекаше на мигот кога ќе започне со преговори за полноправно членство во најмоќниот сојуз на демократските држави во светот – Европска Унија. Во таа определба, нашата земја ја ужива поддршката од најголемите и најсилните демократии во Европа и во светот.

Македонските граѓанки и граѓани заслужуваат да бидат дел од големото европско семејство. За да стасаме до целта побрзо, потребно е општествено-политичко обединување за македонската иднина во Европа.

По иницијатива на ЦИВИЛ – Центар за слобода, македонските ѕвезди деновиве создадоа македонска верзија од познатиот италијански хит „Инсиеме/Заедно“ со која Тото Кутуњо победи на Евровизија во Загреб 1990 година. За рекордно кратко време, со ретко виден ентузијазам и посветеност, македонските естрадни уметници го дадоа својот придонес – пееја за Европа.

Време е и политичките лидери да проговорат во еден глас – за Европа, за членство во ЕУ.

За европска иднина на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.

Цивил