27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

МЗШВ: Тутунот достигна рекордна просечна цена од 285 денари за килограм

Годинава, тутунопроизводителите ги соборуваат рекордите и испишуваат историја на досега највисока просечна откупна цена од 285 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 % во однос на минатогодишната. Откупот на тутун од реколтата 2022 година тече интензивно во сите 200 откупни пункта, кои се навремено отворени на целата територија.

За годинешната реколта откуп вршат вкупно 10 регистрирани откупни претпријатија на 200 откупни пункта со 223 ваги и 216 мостри тутун. Досега се откупени 16,5 милиони килограми од вкупно произведени 25.850 тони. Според информациите од ДИЗ, се очекува откупот да биде целосно завршен пред Нова година, со што првпат во историјата сите тутунопроизводители на своите сметки ќе ги добијат парите пред новогодишните празници.

Аналогно на рекордно високата откупна цена, која заборува за квалитетен тутун од годинешната реколта, тоа значи дека и субвенциите по класи ќе бидат најголеми до сега.

Склучени се вкупно 29.653 договори за производство и откуп на тутун што претставува зголемување од 7 % во однос на реколта 2021 година. Зголемување имаме и на површините со тутун за 14 % повеќе во споредба со лани.

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи има големо економско и социјално значење со учество од 3,8 % во домашниот бруто-производ. Тутунот е застапен со високи 80 % од вкупната површината под индустриски култури и претставува еден од најзначајните извезувани земјоделски производи со 18 % учество во домашниот извоз.

Според тутунските компании, земјава има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 140 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува над 20 илјади семејства.

Субвенциите не се единствениот начин на поддршка, туку и другите мерки на Министерството. Оваа година првпат им се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун преку Програмата за рурален развој, подмерка 121.7 – Набавка на опрема за производство на тутун, со финансиска поддршка за корисник, која изнесува 4,5 милиони денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме првпат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите, соопштуваат од МЗШВ.