Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, зеде учество на симпозиумот „Реформи за промена“, воедно и завршен настан на проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“, финансиран од Европската Унија.
Герасимовски во своето обраќање зборуваше за социјалните проекти што ги спроведува Општината и преку кои граѓаните добиваат добри услови за живеење, без разлика на нивната вера, националност и социјален статус.
„Ние во Центар сме особено горди на проектот ‘Нега на стари лица во домашни услови’. Општина Центар е првата општина што излезе со вистински чекор и конкретна активност за нашите највозрасни сограѓани. Преку соработка со граѓанската организација ‘Хуманост’, лиценцирани негуватели на највозрасните жители на општината им даваат нега 3 пати во неделата по 2 часа при извршување на своите секојдневни домашни обврски. Многу набргу ќе почне со работа и Сервисот за одмена на семејната грижа, кој ќе биде плод на уште една соработка со нашите партнери од УНДП. Корисниците на овој сервис ќе добиваат 24-часовна грижа најмногу 15 дена во годината. Карактеристично за сервисот ќе биде и тоа што негувателите што ќе бидат вклучени во проектот ќе имаат обуки и за лица со Алцхајмерова болест и деменција“, изјави Герасимовски.
Притоа тој зборуваше и за континуираното спроведување на проектот „Образование за сите“, со кој 15 лични асистенти им помагаат на 17 ученици со посебни образовни потреби во текот на целата учебна година, како и за хуманитарните пакети, кои Општината ги доделува секој месец.
„Првпат од ова лето и за време на летниот распуст осум стручни лични асистенти водеа грижа за 14 дечиња со попреченост во развојот. Во текот на летото нивна задача беше да им помагаат на децата и нивните родители во дневното извршување на обврските и да се грижат за нормално одвивање на секојдневието на децата. Личните асистенти ги посетуваа домовите на учениците трипати во неделата. Општина Центар со години соработува и со Банката за храна, преку која секој месец на социјално загрозените лица, децата од малите групни домови и на згрижувачките семејства им доделуваме пакети со прехранбени и хигиенски производи за тие полесно да го поминат месецот“, изјави Герасимовски.
Општина Центар со горенаведените проекти и дополнителните активности секојдневно изнаоѓа начини како да стигне до сите засегнати страни за граѓаните да ја добијат вистинската услуга. При процесот на испорачување на услугата Општина Центар ги користи сите алатки и методи што ги има на располагање, од електронски пораки, медиумски известувања, па сè до директни средби и заеднички активности со граѓаните.
Во процесот на давање социјални услуги Општина Центар исто така води сметка да ги вклучи сите граѓани и организации кои навистина сакаат да помогнат.
За Општина Центар и партнерите, секој граѓанин е еднакво важен затоа в година Општината предвиде дополнителни активности во насока на задоволување на потребите на оние граѓани на кои сме им најпотребни, односно на нашите сограѓани од социјално загрозените категории.