25.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

За Европа, малку поинаку: Промоција на италијанскиот евергрин хит „Insieme / Заедно“ на македонски јазик 

Иницијативата на ЦИВИЛ за општествено и политичко обединување за интеграција во ЕУ ќе го промовира италијанскиот евергрин хит „Инсиеме“ од Тото Кутуњо на македонски јазик, утре, вторник, 13 декември, во клуб Мош, со почеток во 12 часот. Влез слободен.  

Деновиве, ЦИВИЛ – Центар за слобода покрена иницијатива за промоција на европските вредности, градењето на општествената кохезија и полноправното членство во Европската Унија. ЦИВИЛ ги повикува сите политички партии, невладини организации и иницијативи, граѓанки и граѓани да се обединат со цел да ѝ помогнат на земјата во процесот на зачленување во Европска Унија.

Иницијативата го носи насловот „Заедно“, според песната на познатиот италијански автор Тото Кутуњо (Insieme), со која тој победи на Евровизија во Загреб, 1990 година. Песната своевремено стана популарна во сите политички кругови низ Европа. Песната можеше да се слушне на јавни настани на сите политички партии, без оглед на тоа дали ѝ припаѓаа на десницата или левицата. Затоа, ЦИВИЛ ги повикува сите политички партии да ја прифатат оваа иницијатива како своја и преку неа да ги промовираат своите ставови и определби за европска иднина на нашата земја.

На големо и позитивно изненадување, на иницијативата се одзваа голем број македонски музички ѕвезди кои познатиот хит на Кутуњо го испеаја на македонски јазик.

Промоцијата на песната „Инсиеме“ на македонски јазик ќе се одржи во вторник, 13 декември, клуб Мош, со почеток во 12 часот, каде што ќе бидат и познати имиња од македонската музичка сцена. Влезот е слободен. 

Со оваа иницијатива, Цивил дава свој придонес кон цврстата и недвосмислена определбата на македонското општество да се приклучи кон големото европско семејство. Време е сите граѓанки и граѓани без оглед на нивната припадност и потекло, сите политички партии, верски заедници, граѓански и политички организации, групи и иницијативи, да се обединат во заедничката цел и стратешката определба на државата – членство во ЕУ.

Европскиот сон е, конечно, остварлив. Потребно е само да се обединат општеството и политичките фактори за остварување на тој заеднички интерес.

Песната на Тото Кутуњо е симболичен придонес на Цивил кон промоцијата на европските вредности и поддршката за евроинтеграцискиот процес кој, по долгото чекање, доби конкретен и извесен тек.