Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) посочува дека уште во април 2022 година ги има информирано Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција во врска со добиени информации, кои будат сомнеж дека одреден број потрошувачи на електрична енергија не го исполнуваат условот да бидат мал потрошувач, а го префрлаат сопственото снабдување со електрична енергија од слободниот на регулираниот пазар преку склучување договори за закуп.
Истовремено, додаваат од таму, РКЕ побара од посочените институции да извршат инспекциски надзор во согласност со нивните законски надлежности и да утврдат дали има или нема злоупотреба.
„РКЕ достави писмено известување и барање за вршење инспекциски надзор до посочените институции уште пред осум месеци (документ во прилог архивиран со датум 13.4.2022 година). Во прилог на ова известување беше доставен и преглед на потрошувачи, кои од слободен пазар преминале на регулиран, односно кај универзален снабдувач со електрична енергија, а со цел известените институции да утврдат дали и кај кои субјекти од прегледот има незаконско постапување за прашања што се во нивна надлежност.
Посочуваме дека РКЕ во согласност со Законот за енергетиката нема надлежност за инспекциски надзор, но има институционална одговорност и етика да алармира секојпат кога детектира сомнеж за можно незаконско постапување и злоупотреби.
Оттука остануваат нејасни посочувањата и префрлањето на одговорноста за постапување и расветлување на конкретниот случај“, се потенцира во соопштението од РКЕ.