Соопштение на СДСМ:
Капиталните инвестиции во Буџетот за 2023 се проектирани на 800 милиони евра. Буџетот за наредната година е развоен и тому затоа се проектирани 52,3 отсто повеќе капитални инвестиции во однос на оваа година.
Капиталните инвестиции се насочени за инфраструктурни проекти за поврзување внатре во државата, и со регионот но и со Европа и ќе обезбедат побрз економски раст и развој генерално, но и подобри услови за развој на компаниите и бизнисот. Продолжува изградбата на Железничкиот Коридор 8, изградба на клучни автопатски делници, рехабилитација на локалните улици, изградба на социјални станови.
Продолжува гасификацијата на државата, а минатата недела комплетно е завршен гасоводот од влезот на интерконекторот од Бугарија до Битола.
Продолжуваат капитални инвестиции во земјоделството со кои се обезбедува пред сѐ, зголемено домашно производство на храна, поддршка за земјоделците како и поддршка за модернизација на земјоделството.
Буџетот предвидува продолжување на имплементацијата на интензивниот инвестициски циклус во енергетскиот сектор кој треба да обезбеди зголемување на вкупниот енергетски потенцијал.
Приоритет во Буџетот исто така е заштитата на животната средина, со изградба на пречистителни станици, канализациони мрежи како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и затворање на депонии во источниот и североисточниот регион.
Капитални инвестиции се предвидени и во здравството за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи како и набавка на медицинска опрема, за образованието, детска заштита и спортот, за реконструкција на студентски домови, опремување и реконструкција на универзитети.
Во време на криза, капиталните инвестиции ќе обезбедат подобра иднина и подобар животен стандард.
Со одговорно менаџирање и реализација, овие капитални инвестиции ќе обезбедат полесна транзиција кон заздравување и развој на економијата, достигнување на што е можно повисок економски развој.