5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Данела Арсовска- од ЖЕНА ТИТАН до маќеа

Не се преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и кои тоа го прават зашто вистината не е на нивна страна. Нема да се подлегне на закани и уцени, изјави вчера градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, алудирајќи меѓу другите и на Ленин Јовановски, директорот на приватната компанијата „Слобода превоз“, пред најавената голема блокада на сообраќајот од приватните превозници.

Невидениот сообраќен хаос во кој се најде Скопје поради блокадите на приватниците, но и раскопаните сообраќајници, може да се претвори во вистински дебакл на Арсовска, ако до петок не се најде решение и договор со „Слобода превоз“ и „Макеспрес“.

Ако сообраќајниот хаос предизвикан изминативе денови беше голем, најавената блокада може буквално да го парализира целиот град, а со тоа да се загрози нормалното работење и на инстутуциите за што цената ќе ја плаќаат сите.

Арсовска во вчерашното интервју нагласи дека не мисли да дава оставка, иако се се побројни таквите барања од повеќе страни.

-Ако советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓани, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат престанува и ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните. Меѓутоа, мој личен впечаток е дека таму има искусни луѓе, и во политиката и како советници, и никој не би понел таква политичка штета по нив. Мене ми е јасно дека на двете најголеми политички партии во државата не им е мило да видат дека некој поединец се обидува да смени нешто што се случува и во градот и во државата. И тоа е нивно легитимно право, рече Арсовска.

Сепак, градоначалничката се повеќе заглавува во состојба во која очигледно губи поддршка од граѓаните. Во изминатава година од мандатот евидентно е дека не постигна ништо од најевеното, а се што направи е конфликт прво со ВМРО-ДПМНЕ, а сега со приватните првозници, односно со Јовановски како нивни лидер, а нејзин голем поддржувач пред изборите.

Резултат на тоа е „пукната тиква“ со најголемата опозициска партија, која застанувајќи зад нејзе во кампањата на еден начин истовремено се огради од неа, нагласувајќи дека не е партиски член, односно дека е надпартијска личност. Така ВМРО-ДПМНЕ може лесно да се огради од неа и нејзините постапки. Во меѓувреме, Владата преку соодветните министерства ги презеде ингеренциите и ги зема под свое проектите за реновирање на „Универзалната сала“ и изградба на подвозникот кај Лимак.

Затоа чуди упорноста на Арсовска да влезе во конфликт со сите, па и со Јовановски, кој освен поддршката во предизборитето заедно со приватните превозници ја поддржаа нејзината програмата за сообраќај. Јовановски ја пофали и одлуката за формирање на Совет за сообраќај на Град Скопје со цел делување во насока на зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот, подобрување на јавниот превоз и сообраќајната инфраструктура во Скопје. Од друга страна, Арсовска даде поддршка на приватните превозници Владата да им даде субвенции.

-Мојата желба и цел е модерно Скопје, а за тоа да стане реалност сега имаме една прекрасна жена, жена градоначалник ЖЕНА -ТИТАН , која ќе ви покаже колку и што може да се направи за Скопје, без оглед колку злобно и неправедно беше напаѓана од клети луѓе и изроди. Затоа јас секогаш ќе бидам тука да помогнам “про боно” и да направам сѐ што знам и умеам за мојот роден град Скопје, напиша Јовановски на 2 ноември лани непосредно по изборите.

Една година подоцна на профилот на Јовановски на Фејсбук може да се прочитаат други нешта.

-Велат, на лагата и се кратки нозете. Јас велам некому му е краток паметот, а долг јазикот. Ова е пракса во секој автобус на ЈСП, каде возачите од директорот на ЈСП се принудени ова незаконито продавање да го прават токму вака. И сеа маќео шу праиме ? Крадецот викал на цел глас држете го крадецот, пишува Јовановски.

Зошто е тоа така сега најдобро си знае Арсовска.

извор: 24info.mk