„Во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитата граѓаните“ изјави премиерот Димитар Ковачевски при посетата на фабриката за производство на масло за јадење „Брилијант“.
Тој додаде дека во таа насока се и одлуките на Владата за повластена тарифа на електрична енергија, пониска од берзанската, за компаниите кои произведуваат основни прехранбени продукти.
„ Од 1 декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот од оваа мерка. Воедно очекуваме да продолжи намалувањето на цените во интерес на потрошувачите, и според сите параметри реално е да очекуваме намалување за 10%.Ќе ја искористам оваа прилика да повторам дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека институциите посветено работат на изнаоѓање на решенија за предизвиците кои ни ги наметна економската и енергетската криза“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека исто така е важно компаниите од прехранбениот сектор да имаат домашна суровина и токму затоа се става фокус на зголемување на примарното земјоделско производство.
„Пред почетокот на новата сеидбена сезона за сончогледот ги исплативме субвенциите, за да можат земјоделците навреме да сеат, за да имаат пари за производствените трошоци. Платежната агенција исплати исплати над 450 милиони денари субвенции за поледелски култури меѓу кои и за сончогледот и маслодајната репка на над 24.000 земјоделци“ рече Ковачевски.