„Во Буџетот за 2023 година обезбедивме пари за нов раст на пензиите и платите. И да одговорам на прашањата од вашите сограѓани. Да, ќе растат пензиите и ќе расте и минималната плата. Со новата методологија што заедно ја договоривме, новото зголемување е во март 2023 година. Пензиите ќе бидат зголемени за вкупно 16% за време на една календарска година за сите 330.000 пензионери“ рече премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Тетово.
Тој додаде дека со економските политики за наредната година се става акцент и на капиталните инвестиции за чија реализација се предвидени околу 800 милиони евра, пари за нови проекти, нови патишта, водоводи, градинки и училишта кои ќе се градат низ цела држава.
„Се наоѓаме на вистинскиот пат и наредната година ќе биде година на економски пресврт. Сите економски показатели го потврдуваат тоа. Проекцијата на ЕБОР е дека македонската економија во следната година ќе има раст од 2.3 отсто. Тоа е многу повеќе од проекцијата исто така на ЕБОР за земјите од еврозоната која изнесува 0.3 отсто“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека економскиот пресврт ќе се реализира со многу труд, со политики за привлекување нови странски инвестиции кои носат добро платени работни места, а со енергетската транзиција и визија ќе станеме зелен енергетски центар во Европа.