24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Резултати од Анкета за корисници и известувачи: Висок квалитет на статистичките податоци на Народната банка, на нивната презентација и прибирање

Народната банка континуирано работи на подобрувањето на процесот на прибирање и на квалитетот на статистичките податоци кои ги објавува, како и на нивната презентација и достапноста за јавноста. Со цел понатамошно унапредување на податоците и процесите, Дирекцијата за статистика спроведе две одделни анкети, помеѓу корисниците и известувачите на податоци. Беа анкетирани вкупно околу илјада испитаници, кои искажаа релативно високо ниво на задоволство од квалитетот и презентацијата, како и на процесот на доставување на податоците.

Народната банка со анкетата опфати корисници на податоците и тоа, претставници на научната фела, банките и штедилниците, јавната администрација, меѓународните организации, како и физичките лица. Најголем дел од анкетираните, или 65% одговориле дека ги користат податоците на Дирекцијата за статистика преку веб-страницата повеќе од 5 години. Околу 80% од испитаниците одговориле дека секогаш или често, лесно ги наоѓаат потребните податоци, а ист процент одговориле дека достапните податоци секогаш или најчесто одговараат на нивните потреби. Над 90% од анкетираните се целосно или делумно запознаени со статистичкиот портал на Народната банка https://nbstat.nbrm.mk/, а над 80% одговориле дека тој секогаш или најчесто ги задоволува нивните потреби. Оценките од спроведената Анкета на корисниците, споредени со сродна анкета од 2013 година укажува на задржување на високото ниво на задоволство на корисниците.

Народната банка, исто така, се стреми да ја подобри комуникацијата со известувачите со цел да го олесни процесот на доставување на статистичките податоци и да се намали известувачкиот товар, без притоа да го наруши неопходниот обем и квалитет на податоците. Анализата на добиените резултати од Анкетата на известувачите (деловни субјекти, банки и штедилници, останати финансиски институции и др.), укажува дека известувачите генерално позитивно го оценуваат процесот на доставување на податоците до централната банка. Тие имаат високо мислење за односот на вработените кон нив, како и корисноста на информациите за барањата за известување на интернет страницата на Народната банка.

Успешното работење на Народната банка во делот на прибирање и објавување на статистички податоци во голема мерка зависи од успешната соработка со известувачите и корисниците на тие податоци. Оттука, Народната банка и понатаму континуирано ќе работи за унапредување на квалитетот и достапноста на статистичките податоци.