11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Карпош одбележа 46 години постоење

Во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, вчеравечер, Општина Карпош организираше свечена академија по повод одбележување на 46 годишнината од основањето на локалната самоуправа. На манифестацијата, покрај членовите на делегациите од збратимените општини Врњачка Бања, Тиват, Травник и Сремски Карловци, присуствуваа и советници од локалната самоуправа, претставници од општинската администрација, како и видни личности од сферата на политиката, економијата, спортот и општествениот живот. Со вокална изведба на македонската химна, свеченоста ја отворија членовите на училишниот хор при ООУ „Владо Тасевски“, симболизирајќи ја улогата на младите кои се носители на развојот на нашата заедница.

Во тој дух, градоначалникот Стевчо Јакимовски ги врачи благодарниците и наградите на седумчлениот тим, кој неодамна постигна огромен успех на глобално ниво, освојувајќи го третото место на натпреварот по роботика кој се одржа во Женева (Швајцарија), во организација на FIRST Global Challenge. Станува збор за средношколците Горијан Стаматовски од СУГС „Никола Карев“, Горјан Анѓушев, Виктор Ванчов, Горазд Петковски и Јаков Спиров од СУГС „Георги Димитров“, како и нивните ментори Алма Кецап и Ален Куљеван, на кои Општина Карпош поединечно ќе им додели парична награда во износ од 30.000 денари. На овој начин, локалната самоуправа сака дополнително да ги мотивира младите креативци и нивните ментори кои успеаја да решат релативно комплексни инженерски предизвици, при што успешно се афирмираа себеси и својата земја пред очите на светската јавност.

За досега постигнатите успеси и извонредно големиот придонес во полето на спортот, благодарница и парична награда во висина од 30.000 денари доби основката Стефани Делјановска од училиштето „Јахја Кемал“, која на 14 годишна возраст е повеќекратна државна шампионка во гимнастика, во повеќе возрасни категории. Инаку, младата Стефанија е член на македонската гимнастичка репрезентација и е прогласена за „олимписка надеж“ во пресрет на претстојната олимпијада.

Во рамки на свечената манифестација се обрати првиот човек на Општината кој им посака добредојде на присутните гости, и во оваа пригода изрази голема благодарност до сите претходни градоначалници кои го дале својот придонес за развојот на Општина Карпош.

– Почитувани пријатели и драги гости, се сеќавам како да беше вчера кога за првпат започнавме да прославуваме годишнини на нашата општина. Од денешен аспект, можам само да кажам дека ми претставува особена чест што имам можност да ја предводам една од најреномираните општини во Македонија – посочи Јакимовски.

Тој истакна дека, како резултат на несебичниот ангажман и визија на сите досегашни градоначалници но и на вработените во општинската администрација, денес општина Карпош може слободно да функционира како град во градот Скопје.

– За тоа говори и самиот факт, што во Карпош се наоѓаат многу значајни институции, потребни за остварување на секојдневните потреби на граѓаните. Од друга страна пак, ние како локална самоуправа континуирано вложуваме во изградба на модерна инфраструктура која ги поврзува образовните институции, здравствените, културните установи и економските субјекти. Дополнително водиме грижа и за нашите сограѓани кои живеат во колективните станбени објекти и индивидуалните домови, притоа вложувајќи средства за поставување на енергетско – ефикасни фасади, промена на старите азбестни покриви со нови покривни конструкции изработени од висококвалитетен лим – образложи Јакимовски.

Првиот човек на Општината вети, дека локалната самоуправа и понатаму ќе ја креаира својата стратегија според досегашните утврдени приоритети кои се насочени кон почитување на високите еколошки стандарди, зголемување на зелените површини и одржување на јавната чистота, регулирање на паркинг местата, вложување во нови енергетски фасади, овозможување на подобри услови за младите кои се воспитуваат и образуваат во градинките и училиштата, како и грижа за социјално ранливата категорија на граѓани.

По повод 46. роденден на локалната самоуправа, за заслужни граѓани на Општина Карпош беа прогласени Ристо Дарлев и Бранко Јовевски.

Имено, ова признание господинот Дарлев го добива заради извонредниот придонес во полето на спортот, како истакнат спортист во категоријата борење – слободен стил. Во својата богата спортска кариера, Дарлев има учествувано на бројни меѓународни натпревари каде забележал високи достигнувања, а како селектор и тренер со македонската боречка репрезентација во 1994 година го освојува второто место на Светското првенство во Фрајбург. Оттука, во 1999 година предводејќи ја државната репрезентација на Европското првенство во Минск го освојува првото место, а во 2000 година во Сиднеј се закитува со „бронза“, што всушност претставува првиот освоен медал на олимписки игри за Република Македонија, по нејзиното осамостојување. За неговиот успех говорат и престижните општествени признанија какви што се „Великан на Олимпискиот комитет на РМ“, „Најдобар селектор – тренер во 2000 година“, „Најдобар спортист на СД Вардар во 1997 година„, а исто така Дарлев е 10 пати прогласуван меѓу најдобрите 10 спортисти во нашата држава.

Од друга страна пак, Бранко Јовевски доби признание за заслужен граѓанин на Општина Карпош, заради својот придонес во полето на фолклорот и традицијата. Своите почетоци, господинот Јовевски ги бележи во 1962 година кога станува член на фолклорната секција на Пионерски дом. Во 1972 година го формира НКУД „Цветан Димов“ во општина Карпош, а во својата 50 годишна кариера со ансамблот организира 310 настапи и учествува на 49 меѓународни фестивали каде ја промовира македонската култура и традиција.

Манифестацијата ја затворија членовите на четирите училишни хорови од „Владо Тасевски“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Димо Хаџи Димов“ и „Војдан Чернодрински“, со изведба на традиционални македонски песни, како и со исполнување на композицијата во двоглас на детска песна од Ј.С. Бах.

Спонзорирано: