23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Да се обединиме за да продожиме по европскиот пат

Претседателот на СДСМ вечерва од Струмица го презентираше концептот европска Македонија која е економски силна, стабилна држава, полноправна членка на Европската унија.

Тој во своето обраќање повика на силна и широка поддршка на европскиот пат и на овој концепт.

„Јас сум подготвен да водам, да преземам силни и одлучни чекори, така како што правеле и претседателите пред мене, но ми треба и вашата поддршка. Заедно да го минеме тој пат и заедно да ја оствариме оваа стратешка и македонска национална цел – полноправно членство во ЕУ. Сакаме ли на нашите македонски деца и внуци да обезбедиме мирно море, сигурна, стабилна и извесна европска иднина? Или сакаме да им оставиме проблеми, нерешени прашања и неизвесност?

Дали сакаме да најдеме начин како, нашиот уникатен македонски идентитет да го потврдиме и да го однесеме во ЕУ? Наша македонска традиција, култура, храна, песна, ќе го збогатиме комплексниот европски идентитет.

Или пак сакаме да останеме заглавени тука, изолирани, непризнаени од никој, вратени назад во времето и во некои мрачни времиња на неизвесност?
Одговорот на овие прашања го дава и мојот одговор на прашањето дали вредеше и дали вреди.

Стојам пред вас, ве гледам и со сета одговорност што ја носам и чувствувам ви велам, ви тврдам: ДА, вредеше, ДА вреди!

Низ многу премрежја во минатото минал овој наш македонски народ, заедно со сите други наши сограѓаните кои живеат на ова парче земја.

Сега имаме шанси на се да ставиме крај, да се обезбедиме за век и на век, еднаш засекогаш, да станеме дел од големото европско семејство државотворни народи. Да бидеме дел од ЕУ како Македонци, со заштитен идентитет и македонски јазик. И што е исто така важно, побогати“ заклучи претседателот Ковачевски.