25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска – Гир: Антикорупциските политики се опфатени во речиси сите поглавја, институциите да се посветат на ова

„Сите институции треба сериозно да го земат предвид Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија и да се посветат на унапредување на ефикасноста и одговорното работење“, заклучија на денешната средба заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир. Вицепремиерката Грковска изрази благодарност до амбасадорот Гир за поддршката што Европската комисија ѝ ја дава на нашата држава во процесот на преговорите за членство во Европската Унија, кој е од исклучително значење за нашата држава.

Амбасадорот Гир истакна дека Европската комисија посветува посебно внимание на антикорупциските политики кои како област се опфатени во речиси сите поглавја на преговарачкиот процес.
Во тој контекст, вицепремиерката Грковска информираше дека презема мерки за редовна координација со сите институции кои се значајни, не само во делот на креирање антикорупциски политики и мерки, туку и во делот на нивно имплементирање со цел ефективно справување со корупцијата.

Таа нагласи дека ефикасните антикорупциски политики и справувањето со корупцијата и организираниот криминал се врвен приоритет на Владата, но за да има успешни мерки кои даваат резултати мора да се обезбеди сеопфатен и координиран пристап и што е најважно целосна посветеност од страна на сите институции.

Двајцата соговорници се осврнаа и на процесот на дигитална трансформација на општеството, кој исто така е важен за унапредување на капацитетите на институциите во поглед на услугите
што им ги пружаат на граѓаните, но и во однос на ефикасни антикорупциски мерки.