25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Има ли Данела Арсовска план да се справи со загадувањето или само ќе се слика со зајдисонца – Скопје меѓу 10-те најзагадени во светот

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска вчера отиде да се фотографира и да покаже дека веќе се гледаат контурите на првиот мега-парк во Скопје, паркот „Даме Груев“ во општината Ѓорче Петров, кој веројатно се наоѓа на загадена почва, но нема време да се позанимава со хигиената, сообраќајниот ред и загадувањето во главниот град.

Според информациите на ЦИВИЛ Медиа паркот се простира на површина од над 30.000 метри квадратни, а дел од отпадот од депонијата не е транспортиран до Дрисла, туку е само затрупан со слој земја, но Арсовска трет ден молчи за безбедноста на почвата, колку е истата контаминирана и штетна за посетителите.

Дополнително како што дознава ЦИВИЛ Медиа, компанија која нема дозвола за собирање и транспорт на отпад издадена од Министерството за животна средина, го превезувала отпадот од депонијата во Волково до Дрисла.

Иако според договорите ЈП Улици и патишта Скопје имаат склучено договор со Градот за расчистување на дел од работите во паркот, тие за ЦИВИЛ Медиа тврдат дека се ангажирани конкретно само за изведба на пешачките патеки, по налог на Град Скопје.

-Бидејќи акцијата за расчистување на отпадот при подготовка на теренот за изградба на патеките ја водеше Град Скопје, потребните информации може да ги добиете од лицата кои се надлежни во Градот, велат во одговорот од ЈП Улици и патишта Скопје.

Според инспекцијата извршена од страна на Државниот инспекторат за животна средина, компанијата ДТГТ Вато ДОО од Студеничани собрала и транспортирала до Дрисла 4.766 метри кубни отпад од дивата депонија во Волково, за што подоцна се информирани и службите на Град Скопје.

Скопје 7-ми град по загаденост
Скопјани живеат во нечист град, немаат редовен градски превоз, може да останат без вода, и официјално според податоците на интернет страницата „Iqair“ денеска Град Скопје се на 7-то место на најзагадена земја во светот.

А во главниот град и вчера воздухот беше загаден, според податоците, најзагадено беше во Миладиновци, каде мерната станица покажуваше 155 ПМ10 честички на метар кубен. Во Лисиче, пак,133 ПМ 10 честички на метар кубен.

Отсуството на јавен превоз на некои линии, сообраќајниот хаос со возниот ред на ЈСП се дополнителна причина скопјани да ги користат своите автомобили за да стигнат навреме да ги завршат обврските, а со тоа се зголемува и загадувањето.

Но, со оглед на тоа дека уште нема конечна разврска во финансирањето на овие претпријатија, а Арсовска претходно го одби проектот за БРТ систем, очигледно е дека зимава ќе го заземеме и првото место на најзагаден град во светот.

Соња Танеска

извор: Civilmedia.mk