20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

​ЗНМ и ССНМ: Законските измени кои ги засегаат новинарите да бидат донесени што побрзо во Собранието

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска пред Собранието на РСМ, одржаа прес-конференција, по повод 2-ри ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.

Пред новинарските екипи се обратија претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

„На овој ден, 2-ри ноември Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, Здружението на новинарите на Македонија бара од политичките партии веднаш да ги усвојат амандманите на кривичниот законик со што ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Сега, повеќе од кога било е потребно нападот врз новинарите да се третира како напад врз службено лице, време е да се направи поголем исчекор во оваа насока. Речиси година и половина, чекаме пратениците во Собранието да се одважат и соберат за да ги изгласаат измените во кривичниот законик, наместо да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри. Ако сме сигурни дека за ова постои општествен консензус во јавноста, несфатливо е пратениците и натаму да го одложуваат донесувањето на овие измени. Бараме тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и изгласани, во спротивно ќе сфатиме дека слободата на новинарите снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание“ – истакна Чадиковски.

Претседалот на ССНМ, Павле Беловски потенцираше дека предолго се чека на измените кои се од големо значење за безбедноста на новинарите.

„Пет години од почетокот на иницијативата во кои се изнаслушавме декларативни заложби за слободата на медиумите. Исто така, денес се навршуваат 17 месеци откако Владата, односно Министерството за правда ги испрати овие измени до Собрание за нивно усвојување. Резултат нема. Нападите, без разлика во каква форма се уште ги броиме и пријавуваме, но без резултати на крајот. Неказнивоста продолжува. Затоа уште еднаш, по којзнае кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени. Собраниските игри и интереси нас не не интересираат. Ги повикуваме пратениците итно да направат се што е дел од процедурата и да ги изгласаат измените на кривничниот законик кои барем на хартија ќе ги подобрат условите за прекина на неказнивоста на нападите врз новинарите рече Беловски“.

Новинарските организации ја изразија својата загриженост заради застојот на донесување на законските измени во Собранието, со заедничка цел – позитивни промени во насока на подобрување на условите на работа на новинарите и медиумските работници, а потсетија на последниот извештај на Европската комисија каде се вели дека Северна Македонија постигна одредено ниво во областа на слободата на изразување, генерално, бележи ограничен напредок во однос на препораките на ЕУ. Исто така, потенцирана е потребата да продолжи процесот на саморегулација кој треба да доведе до унапредување на професионалните стандарди во новинарството.

Спонзорирано: