24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Бесими: Развоен Буџет за одговор на кризата и среднорочни проекции за економски раст

Владата го усвои првиот среднорочен буџет, кој го предложи Министерството за финансии, согласно новоусвоениот, реформски Закон за буџети. Предлог-буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза, за што се издвоени 250 милиони евра во буџетот. Но со буџетот се поставува и основа за забрзан раст на среден рок. Во него се издвоени средства за покачување на пензиите, поддршка на фирмите и земјоделците, за трансфери до единиците за локална самоуправа, но и 795 милиони евра за капитални инвестиции, или за 52,3% повеќе во однос на 2022 година. Ова е буџет кој се води според „златното правило“ во економијата, односно капиталните инвестиции да се повисоки од дефицитот.

Со Предлог-буџетот за 2023 година, Владата останува доследна на заложбата за постепена фискална консолидација на буџетот, со проектиран дефицит од 4,6% од БДП, додека на среден рок истиот ќе се сведе и под Мастрихшките правила, односно 3% дефицит.

„Она што е особено значајно е тоа што Буџетот за 2023 година се заснова на златното правило во економијата. Златното правило значи да се позајмува само за да се финансираат инвестиции, капитални проекти, проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата, ќе го забрзаат растот и ќе придонесат за подобрување на животот на нашите граѓани. Овој буџет ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари (“value for money”), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што тие даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2023 година.
Министерот истакна дека овој буџет се базира на стратешките цели, односно фискална консолидација, воспоставување на систем на индикатори за мерливост на успешноста на политиките, раст на инвестициите, унапредување на фискалната децентрализација, постојано унапредување на фискалната транспарентност и забрзување на економскиот раст на 5% годишно.

„Економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9%. Инфлацијата ќе почне да се намалува следната година, но со се уште присутни повисоки цени на енергентите и храната на меѓународните пазари таа е проектирана на ниво од 7,1%. На среден рок проекциите се поинакви. Се очекува нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност кај нашите главни трговски партнери. Економските политики и мерки преточени во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст, ќе дадат цврста основа за удвојување на економскиот раст во однос на просекот во изминатата деценија. Просечниот раст на економската активност во периодот 2023-2027 година ќе достигне 4,6% при што од 2025 година растот ќе достигне стапка од 5%“, истакна министерот за финансии.

Кај среднорочните проекции, Бесими ги спомена инвестициите за кои се очекува да забележат просечен годишен раст од околу 8%. Во периодот 2024-2027 година, растот на вработеноста ќе забрза на просечен годишен пораст од 3,2%. Ова ќе придонесе стапката на невработеност во 2027 година да се намали на 9,4%. Просечната нето-плата во овој период се очекува номинално да расте за 6,1% на годишно ниво. Стапката на инфлација постепено ќе се стабилизира и е проектирана на 7,1% во 2023 година и 2,5% во 2024, додека среднорочно ќе се сведе на 2%.

Приходите во Предлог-буџетот за 2023 се планирани на ниво од 282 милијарди денари и истите се за 14,8% повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или за 12,6% повисоки во однос на 2022 година, односно продолжува постепена фискална консолидација со буџетски дефицит, понизок во однос на претходната година, на ниво од 4,6% од планираниот БДП.

Министерот нагласи и дека се буџетирани 75 милијарди денари за исплата на пензии или за околу 10% повеќе во однос на годинава. Тука е земена предвид новата методологија за пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и пораст на просечно исплатена плата за сите вработени во висина од 50%, а со цел да се овозможи пристоен животен стандард на пензионерите.

Кај трансферите до единиците за локална самоуправа се планира зголемувањето на процентот на приходи од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5% на 5,5%, а обезбеден е и дополнителен пораст на општата дотација кон општините за 1,2 милијарди денари, со цел зголемување на фискалниот капацитет на општините. Дополнителното зголемување од 2 милијарди денари е наменето за финансирање на зголемените плати за 15% во основно и средно образование на локално ниво и 15% за воспитувачи и негователки во детските градинки, како и за финансирање на зголемените трошоци за транспорт и електрична енергија.

Во однос на финансирањето на буџетот, односно проектираниот дефицит и отплатата на долгот во износ од 52,1 милијарди денари, по основ на стари доспеани обврски, од кои скоро половина е еврообврзницата од 2016 година, ќе се изврши од домашни и надворешни извори.

Домашното задолжување ќе се реализира преку државни хартии од вредност или домашен заем, додека во странство преку издавање на должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, повлекување на транша од Линијата за претпазливост и ликвидност од ММФ и поволни средства од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит. Изборот на извор за финансирање ќе се темели на поволните тековни состојби на меѓународните пазари на капитал. Со цел да се управува прудентно со јавните финансии, Министерството за финансии ќе ја разгледа можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг.