Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, изјави дека 123 функционери од власта криеле имот вреден 30 милиони евра во аферата „Тајни имоти“.
Тој рече дека денеска до ДКСК ќе достави листа од функционери што се именувани на седница на Владата, а не си ја извршиле својата законска должност – да поднесат анкетен лист до антикорупциската.
„Очекуваме ДКСК да постапи во однос на сите. Уште еднаш ја повикуваме ДКСК да не влегува во криминал и со антидатирани документи да ги правда функционерите што не поднеле анкетни листови со месеци и години откако се на функција. Од изнесените информации видовме дека се работи за функционери, од кои повеќето поседуваат фирми, луксузни автомобили, станови и куќи. Имотот што го поседуваат, а не го пријавиле, е голем.
Истовремено, ги повикуваме и ДКСК и Владата да престанат да си ја префрлаат топката кој е виновен за тоа што 123 функционери криеле имот вреден 30 милиони евра. ДКСК да почне да си ја извршува законската должност и да поднесе пријави до сите именувани функционери што не го дале својот имот на увид. Од друга страна, ја охрабруваме ДКСК да поднесе кривична пријава до ЈО за Владата и за дезертерот Ковачевски за кои тврдат дека не ги информирале за извршените именувања на функционерите, иако за тоа комуницирале со речиси сите генерални секретари што поминаа на таа позиција“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека доколку ДКСК не поднесе кривична пријава за Ковачевски, само ќе потврдат дека и тие се дел од системот за криење имот и дека свесно ги толерирале именуваните функционери и не постапувале во согласност со законот.
Дополнително, ДКСК по службена должност да побара од УЈП почнување проверка на сите функционери што не го пријавиле својот имот, и тоа дали за него платиле данок, односно дали е стекнат со легални средства, зошто се крие само имотот што е стекнат на нелегален начин, порача Петрушевски.