23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Одржана прва сесија за Родово одговорен буџетски форумски процес во Крива Паланка

Во организација на локалната самоуправа, а со подршка на проектот на UN Women „Промовирање родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, денес во општина Крива Паланка, се одржа првата форумска сесија од буџетскиот процес за подготовка на родово одговорен Буџетот на општина Крива Паланка за следната 2023 година.

Форумскиот процес ќе се реализира низ 4 форумски сесии и една последователна сесија.

Почетокот на форумскиот процес го отвори модераторот на форумот, Лидија Митовска која во својот вовед нагласи дека – Определбата на една општина, пред се на градоначалникот, да донесе одлука да го подготви Буџетот за следната година заедно со граѓаните и притоа посебно водејќи сметка за различните потреби на жените и мажите, на девојчињата и момчињата на пензионерите и пензионерките, сведочи за големиот демократски капацитет, за одговорно, отчетно и пред се транспарентно работење, на општинската администрација предводена од градоначалникот Сашко Митовски,

Форумскиот процес го отвори и го поздрави и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој пред големиот број присутни изјави,

„Буџет по мерка на граѓаните во дослух на вашите сугестии, предлози и приоритети што заеднички ќе ги утврдиме. Како транспарентна, отчетна и договорна општина, и овој пат сме тука да ги слушнеме ваште предлози, да дискутираме и заедно да сублимираме, како и каде најдобро да ги насочиме општинските средства, рече во обраќање, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

На форумот свое обраќање имаше г-ѓа Ивона Пауновиќ Бишевац, Национална програмска координаторка на програмата за Родово одговрно буџетирање во РС Македонија, која го поздрави форумот и посочи дека Крива Паланка веќе 5 години соработува на ова поле, и дека со општинската администрација имаат одлична соработка.

„Во Крива Паланка сме како дома, овде имаме одлична соработка уште од потпишаниот меморандум во 2017 година и оттогаш одлично соработуваме со општинската администрација и комисијата за еднакви можности и заеднички неуморно работиме со цел, родовата перспектива да биде проеткаена во сите сектори на оваа општина“, изјави г-ѓа Ивона Пауновиќ Бишевац.

Неда Петковска, експертот за Родово одговорно буџетирање од UN Women, пред присутните учесници на форумот имаше презентација за Родовата интеграција во програмирањето на локално ниво, за Родова анализа,Родова статистика,, Мониторинг и Евалуација.

Љупка Ангеловска од Одделението за финансиски прашања, на присутните граѓани им го презентираше процесот на буџетирање и структурата на буџетот на општината, при што ги запозна со приходите и расходите кои се реализираат во една фискална година, т.е. на еден транспарентен и видлив начин ја презентираше структурата на Буџетот на општина Крива Паланка.

Целта на буџетскиот форум е граѓаните да добијат целосен увид во приходите и расходите на општината и со свои предлози да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2023 година, во рамките на стратешкиот развоен план и приоритетите за развој на општината за наредната година.