23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Битола се подготвува за одбележување на денот на ослободувањето

Интегрален текст од прес конференцијата на градоначалникот Тони Коњановски по повод 4 Ноември:

Како локална самоуправа која за 10 тина дена, ќе одбележи 1 година од раководењето со општина Битола, во изминатиот период, значително се ангажиравме да реализираме колку што е можно повеќе проекти, да ги завршиме започнатите, но и да подготвиме нови, кои ќе се реализираат во периодот пред нас.

Во делот на инфраструктурата, нашиот голем проект за реконструкција на 23 улици во оваа календарска година, веќе е во завршна фаза, а доколку временските услови тоа го дозволат, деновиве планираме асфалтирање на уште 3 улици. 16 улици се комплетно завршени, со што подобрена е патната инфраструктура во должина од околу 10 километри.

Веќе работиме на новиот генерален урбанистички план, на проектната документација за противпожарната зграда, а во фаза на избор е идејното решение за новиот модерен спортски центар.

Битола, ќе добие и велосипедски патеки, а заедно со нашите соработници и донатори, уредивме 5 детски паркови и игралишта, додека активно работиме на изградбата на новиот парк во Нова Битола. Истовремено, овозможивме поддршка за Националниот парк Пелистер за дополнителни содржини на проектот кој го реализираат – Авантуристички парк на Пелистер, а во делот на заштитата на животната средина во завршна фаза е изготвувањето на локалниот еколошки акционен план, како и зелениот катастар кој наскоро и јавно ќе биде презентиран. Работиме на проекти за зголемување на енергетската ефикасност на јавните објекти, а паралелно подржуваме и инвестиции во енергетска ефикасност на станбените заедници за колективно домување.

За првпат општината овозможи поддршка за талентираните и надарени ученици, како и поддршка за првооделенците, а работиме и на надминување на проблемите кои се појавија за конечно и Битола да добие повеќе објекти, за згрижување на најмладите.

После 4 години, општина Битола работи на изготвување на стратегија за локален економски развој, а во индустриската зона Жабени веќе имаме продадени вкупно 12 парцели на нови инвеститори од Турција и Германија.

Достојното одбележување на празникот на градот, го отсликува токму делувањето на локалната самоуправа во сите области, а празничната програма значи искористување на расположливите простори за нивно збогатување со вредностите кои ги поседува Битола.

За нашиот град, нескромно може да кажеме дека е место од каде потекнуваат голем број културни уметници: актери, музичари, режисери, спортисти, историчари, наши сограѓани низ чија активност Битола и Македонија имаат можност да се промовираат во светски рамки.
Токму затоа, за првпат Програмата по повод 4 ноември, има нов концепт со кој истовремено се овозможува поддршка за уметничките вредности и спортските активности, стимулација на најмладите да се интересираат за историјата на Битола и можностите кои денес ги имаат во својот град, вреднување на делата на познатите битолчани, но истовремено и соработка со универзитетски професори, експерти, невладин и бизнис сектор, за подобро совладување на предизвиците во спроведувањето на новите проекти и одржливи решенија во урбанистичкото планирање на градот.
Започнавме со приказната за „Браќата Манаки“, првите сниматели на Балканот и отворањето на 30 издание на интернационалниот фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, првпат годинава воведовме програма за најмладите со двете детски театарски претстави на Бабец театар и Театар за деца и младинци, продолжуваме со кореографијата „Котел“ на Рисима Рисимкин и изложбата „Опера, драма, балет“ на Благој Мицевски, а во спортскиот дел вклучуваме: градско кугларско првенство, велосипедска трка, традиционалната ноќна атлетска трка, летечки активности со параглајдери, шаховски турнир и ревијален фудбалски натпревар.

Низ јавни дискусии, ќе се разговара за важни теми поврзани со урбанистичкото планирање на градот, урбаната мобилност и можностите за поттикнување на претприемништвото.

Традиционално и заслужено и ликовната уметност заедно со Друштвото на ликовни уметници од Битола, има свој простор во програмските содржини, а Битолскиот симфониски оркестар, после повеќе од две децении во ваков систав, ќе ни приреди музичка вечер за паметење во Народниот театар на 10 ноември. Ова ќе биде еден од најдобрите музички настани во Битола оваа година, на кој покрај изведувачи од Битола, учество ќе земат и музичари од Србија, а како солист на виолончело ќе настапи Милтијадис Касарас од Грција. На програмата ќе се изведат дела од Бетовен, Шуберт, Хајдн и Елгар.

Дел од програмата по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, е и одблежувањето на 75 годишнината од основањето на музичкото училиште во Битола, што ќе биде проследено со музички маратон и промоција на книгата „Музика“, на професорот Александар Стерјовски.

Битола, ќе ја посетат гости од повеќе збратимени градови, а вечерната свеченост на доделувањето на наградите, ќе биде посебна манифестација на која ќе прозвучи најдоброто од Битола, кое истовремено ќе ја отслика културата и традицијата на нашиот град, низ „Битола Бабам Битола“ што претставува една музичко сценска и актерска игра, која за првпат ќе биде претставена пред публиката. Режијата е на Дејан Пројковски, сценографија на Валентин Светозарев, музиката е на Оливер Јосифовски и Љубојна, а останатите актери нека останат изненадување што ќе биде дополнителен мотив да го посетите настанот.

Сакам да им се заблагодарам на Културниот и информативен центар, Центарот за култура и Народниот театар за соработката и поддршката за реализација на настаните од оваа четвртоноемвриска програма.

Вас почитувани новинари, Ве поканувам, да ги проследите сите настани кои следуваат, зошто со Вашата многу значајна поддршка, убавите нешта од Битола и за Битола, можеме да направиме да стигнат далеку.

Во пресрет на Денот на ослободувањето на градот, да зборуваме и да го промовираме квалитетот што го има нашиот град и да продолжиме да бидеме поддршка на доброто, додека паралелно инфраструктурно ја подобруваме нашата Битола.