26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Продолжуваат заложбите на Стопанската комора за поддршка на сите компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија

Комората ја поздравува одлуката на Владата на РСМ за поддршка на компаниите од прехранбениот сектор.

Кризниот штаб при Стопанската комора на Северна Македонија ја поздравува заложбата на Владата на Република Северна Македонија за носење на мерки за поддршка на компаниите како и последната Одлука за преземање на мерка при прогласена кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Во изминатиов месец Кризниот штаб е континуирано на терен во посета на компаниите од каде директно ги согледува состојбите во врска со енергетската криза. Целиот пакет за поддршка опфатен со последната Одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи, во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија.

Благодарение на заложбите на Стопанската комора на Северна Македонија и на нашата соработка со Владата, се излезе во пресрет и на месната индустрија и на тој начин на компаниите од месната индустрија им се овозможува да добијат поевтина струја од 80 евра по мегават/час. Во тој контекст Владата вчера ја вклучи и месната индустрија во пакетот мерки за субвенционира електрична енергија. Апелираме, укажуваме и очекуваме дека во делот на месната индустрија ќе биде вклучена целата дејност одгледување на животни, што е многу важно за сите фирми кои имаат фарми за одгледување на животни (живина, свињи, молзни крави, овци, кози) и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат поддеднакво третирани во мерката, со цел сочувување на сточниот фонд во нашата држава.

Секако дека со овие мерки компаниите, производителите на основни прехранбени производи ќе имаат предвидливост, стабилна и поевтина струја, што крајно може да влијае и врз стабилизирање на цените на финалните производи кои се произведуваат и се продаваат од овие компании.

Како Комора остануваме доследни на својата определба да им помогнеме на компаниите за полесно надминување на предвизвиците коишто ги носи енергетската криза. И понатаму ќе бидеме во дневен контакт со нив, ќе предлагаме решенија до Владата и надлежните институции и ќе бидеме проактиви и кооперативни со цел да се дојде до поддршка и за останатите компании кои се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, бидејќи тоа е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава.

Во насока на поддршка на компаниите, деновиве Кризниот штаб на Стопанската комора ќе оствари средба со менаџментот на Развојна банка на Северна Македонија со цел да ги афирмираме кај бизнис заедницата поволносите од кредитните линии за поддршка на стопанството во услови на енергетската криза, а ќе имаме и средби со претставници од Делегацијата на ЕУ во земјава за финансирање и поддршка на проекти значајни за бизнис секторот.