Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при гостувањето во дневникот на телевизија Сител, беше прашан за придобивките од Договорот со Фронтекс, кој што беше потпишан од страна на министерот Спасовски во средата.
Осврнувајќи се на понудата од Европската Комисија во декември, 2016 година, земјите од регионот да можат да склучуваат договор со Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ, министерот Спасовски рече дека МВР веднаш пристапи кон формирање на група за преговори, при што, практично, во јули, 2018 година, беше парафиран завршениот текст усогласен помеѓу ЕУ и РСМ, додавајќи дека блокадата од Бугарија не дозволуваше да се потпише овој договор.
„За нас тоа се неразбирливи причини, но фактички стоеја како пречка во делот на остварувањето на потпишувањето на договорот. Веднаш кога се започна со, би рекол, проектот за отпочнување на преговорите со ЕУ, кога се разговараше во овој дел, сите разговараа тука, МНР кои го водеше тие разговори, и Претседателот на Владата и ние како МВР, една од клучните теми кои ги поставивме, беше договорот да биде потпишан и тоа да биде потпишан на македонски јазик”, рече министерот Спасовски, објаснувајќи дека тоа беше првиот чекор кој беше најавен, меѓутоа заради измена на неколку европски регулативи, усогласениот текст беше одново преговаран.
„Усогласениот текст кој го имавме моравме да го преговараме одново заради усогласување со тие европски регулативи, се формираше работната група, односно групата за преговори и во две рунди на разговори, помеѓу РСМ, односно МВР и ЕК, ние го усогласивме текстот на Договорот, и на мое огромно задоволство, чест и огромна гордост, успеавме да го потпишеме во средата, јас и еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон”, истакна министерот Спасовски.
Прашан за тоа што ќе промени Договор со Фронтекс, покрај политичката придобивка со потпишување на Договорот со Фронтекс на македонски јазик, што носи конкретно за граѓаните и дали ќе го зголеми бројот на странски полициски службеници кои се распоредени на јужната граници, министерот Спасовски ја потенцираше важноста што првиот договор помеѓу РСМ и ЕУ е на македонски јазик, и тоа без никакви дообјаснувања.
„Покажавме, докажавме дека никој не може да разговара за нашиот македонски идентитет и македонски јазик”, беше дециден министерот Спасовски, при што се осврна на важноста на суштината на Договорот, односно тоа дека приближувањето до ЕУ значи европски вредности во институциите.
„Поголема безбедност, поголем просперитет, економски развој, квалитетно образование, квалитетно здравство. Тоа се теми коишто ќе бидат теми од потпишување на било какви билатерални договори тука. Практично, овој Договор со Агенцијата за гранична и крајбрежна стража создава правна рамка за распоредување на полициски службеници од оваа Агенција, на границите на РСМ, и тоа по барање на РСМ. Се прави Посебен оперативен план, се прават проценки, таму каде што се тие места најкритични за заштита на границата. Притоа, е многу важно дека ќе се споделуваат и ќе се разменуваат знаења и искуства помеѓу полициските службеници, тие ќе работат исклучиво со македонските полициски службеници, сите дејствија кои ќе ги преземаат треба да ги преземаат заеднички. Исто така е важно дека ќе се користат сите бази на податоци и може да се користат сите видови на опрема со која располага Фронтекс. Тоа го зголемува капацитетот на обезбедувањето на границите, безбедноста генерално на државата и кога зборуваме за безбедност на границите, не е само миграцијата, бидејќи сега е еден од клучни проблеми кој за жал нема да биде прекинат, туку како еден од безбедносните предизвици ќе трае и понатаму и секаков вид на прекуграничен криминал”, рече министерот Спасовски.