24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Грковска – Роутанен: Младите се наши партнери во креирање на политики за добро владеење

На маргините на 17-тиот Конгрес на Совет на Европа на министрите задолжени за спорт, што се одржува во Анталија, Турција, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, оствари средба со Марја Руотанен – генерален директор за демократија и човечко достоинство во Совет на Европа.

На состанокот беше потенцирано значењето на добрата соработка што Кабинетот на вицепремиерката Грковска ја реализира со Советот на Европа во повеќе области, но и во однос на прашањето за корупција во спортот.

Вицепремиерката Грковска ја запозна својата соговорничка со активностите кои веќе ги спроведува и кои се поврзани со младите и спортот, како и за кампањата #ЗависиОдМенеиТебе, која целосно ќе биде фокусирана на младите, на нивните потреби, предизвици и можности и нагласи дека младите се важен партнер во креирање на политики за добро владеење.

Од големо значење се, додаде таа, проектите што ги реализираме со нашите меѓународни партнери, во насока на развивање на свеста кај младите за значењето на интегритетот.

Двете соговорнички се осврнаа и на процесот на креирање на нов Закон за спорт, кој го координира вицепремиерката Грковска во соработка со Министерството за правда, Канцеларијата на претседателот на Владата, Државната комисија за спречување на корупција, Агенцијата за млади и спорт, како и нашите меѓународни партнери.

Директорката Руотанен оцени дека Северна Македонија е пример за добра пракса во рамките на Совет на Европа во делот за млади и спорт.